• понеделник, 23 декември 2024

За секој христијански дом божикни пештери од Раичкото сестринство

За секој христијански дом божикни пештери од Раичкото сестринство

Дебар, 3 ноември 2022 (МИА) - Сестринството од манастирот „Свети Георгиј Победоносец“ кај Дебар, поттикнато од желбата да ја внесе божикната атмосфера во православните домови, се погрижи и оваа година да изготви божикни пештери и така да одговори на сè поголемиот интерес на верниците за овој традиционален, уникатен божикен украс. 

-Во пресрет на неискажливото божикно таинство, кога божественото дете скришум од светот се роди во скромна пештера за да ни ја донесе на сите радоста на спасението, треба и нашите домови да засветлат со достојно украшение за пречек на ова најсвето и најспасително за нас рождество. Треба и ние самите, а и заедничкото семејно катче да го доловат смирениот лик на Витлеемската пештера, сведочејќи го на сите наоколу настанот што се случи пред повеќе од 2000 години во таа тивка божиќна ноќ, изјави за МИА, сестра Ефимија. 

Затоа, додава таа, на барање на богољубивите христијани, а со благослов на епископот Антаниски Партениј, и оваа година сестринството на светата Раичка обител се потруди благонаклоно да одговори на сѐ поголемиот интерес и да изработи пригодни божикни традиционални украси во вид на некогашната Витлеемска пештера. 

-Пештерите се направени од различни прикладни материјали, автентично украсени и збогатени со иконата на Рождеството Христово и со кандилo и претставуваат прекрасно надополнување на божиќното дрвo, во духот на нашата православна традиција, посочува сестра Ефимија. 

Изработката на божикните пештери во овој наш познат женски манастир почна пред повеќе од десет години, со благослов, како и сега на епископ г. Партениј, како обид за возобновување на старите автентични божиќни традиции. 

Со голема љубов кон Бога, трпение и молитви за мир и благосостојба, сестрите имаат изработено на стотици пештери, кои красат многу домови, цркви, но и простории на компании, фирми, институции. Повеќе години наназад голема божикна пештера се поставува и во центарот на Охрид, македонскиот Ерусалим. 

-Заинтересираните верници кои сакаат да си ги украсат своите домови со рачно изработена божикна пештера, како и претходната година, може да се нарачаат на следниов број: 075 245 791 кај сестра Филотеја. Нека божиќната радост се всели во секој православен дом, посака сестра Ефимија. вт/ 

Остани поврзан