• четврток, 26 декември 2024

За Западен Балкан е важно поврзувањето со Единствената европска платежна област (СЕПА)

За Западен Балкан е важно поврзувањето со Единствената европска платежна област (СЕПА)

Скопје, 30 јуни 2023 (МИА) - Од суштинско значење за регионот на Западен Балкан е поврзување на платежните инфраструктури со оние во рамки на Единствената европска платежна област (СЕПА), е една од главните пораки од првиот ден на 15. конференција за плаќања и пазарна инфраструктура што во организација на Народната банка и Централната банка на Холандија се одржува во Охрид.

Преку прифаќање на принципите и стандардите на СЕПА, како што беше посочено, ќе се подобри ефикасноста кај плаќањата, ќе се намалат трошоците и ќе се олеснат трговијата и инвестициите во и надвор од нашите граници. 

На првата панел- дискусија, претставници од централните банки на Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора и од Народната банка дискутирале за предизвиците за исполнување на барањата за пристапување кон СЕПА.

Претставничката на Европскиот совет за плаќања (ЕСП), Силвија ди Лило ги истакнала придобивките од придружувањето кон СЕПА во вид на поттикнување на дигитализацијата и модернизацијата на плаќањата во корист на финансиската вклученост. Било посочено и дека станува збор за долг процес кој бара големи политички, деловни и регулаторни напори, но за кој земјите од регионот имаат  поддршка од ЕСП.

- Панелистите во своите излагања ги потврдија многубројните придобивки кои би произлегле од соработката во регионот и членството во СЕПА, истакнувајќи дека тие се силно посветени на модернизацијата на плаќањата на Западен Балкан за да се забрза членството во СЕПА и Системот за инстант плаќања  ̶ Таргет. На втората панел-дискусија, разгледувајќи ги искуствата на земјите кои пристапиле кон СЕПА, како Романија, и земјите кои аплицирале за членство, на пример Грузија, беше истакнато дека станува збор за долготраен процес во кој треба да се вклучат сите засегнати страни, соопшти денеска Народната банка. 

За време на конференцијата е разговарано и за улогата на системите за големи плаќања и за инстант плаќањата управувани од Евросистемот, како катализатор за иновациите во платежните системи. Од аспект на темата за дигиталните валути на централните банки, било посочено дека високиот интерес за нив е добар показател дека овие валути наскоро ќе станат дел од секојдневниот живот на луѓето.

Конференцијата продолжува и денес, а дискусиите се насочени кон отвореното банкарство и Европската иницијатива за плаќањата. бак/аа/

Фото: Народна банка

Остани поврзан