• понеделник, 31 март 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Захарова: Русија очекува исполнување на договорите постигнати со САД во Ријад

Захарова: Русија очекува исполнување на договорите постигнати со САД во Ријад

Moсква, 27 март 2025 (МИА) - Русија очекува исполнување на договорите постигнати со САД во Ријад, изјави денеска портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.

Таа нагласи дека консултациите меѓу руски и американски експерти ќе продолжат.

„Очекуваме дека сите постигнати договори ќе бидат спроведени и очекуваме дека, благодарение на американската помош, ќе се деблокира извозот на руски земјоделски производи, како и дека режимот во Киев ќе престане да ја прекршува 30-дневната забрана за напади врз енергетските капацитети“, рече Захарова на прес-конференција.

Таа посочи дека очекува меѓународните финансиски организации вклучени во трговијата со минерални ѓубрива да ги укинат санкциите против Русија.

„Мора да се укинат санкциите за бродовите што пловат под руско знаме, како и ограничувањата за давање услуги на овие бродови во странски пристаништа“, истакна Захарова.

Таа, исто така, нагласи дека треба да се укинат ограничувањата за испорака на земјоделски машини и стоки што се користат за производство на храна и минерални ѓубрива во Русија. Захарова рече дека по завршувањето на овие дејствија ќе почне да се работи на спроведување на постигнатите договори за безбедноста во Црното Море.

Според неа, тоа вклучува обезбедување безбедна пловидба, неупотреба на сила и спречување на употреба на комерцијални пловни објекти за воени цели.

Захарова потсети дека за време на состанокот во Ријад се разговарало и за забрана за напади врз енергетските капацитети во Русија и Украина во траење од 30 дена, почнувајќи од 18 март. рп/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан