Засега без договор околу носителите на врвните функции во ЕУ во следниот мандат
- Лидерите на земјите членки на ЕУ на синоќешниот неформален самит во Брисел не успеаја да постигнат договор околу нашироко очекуваниот пакет за распределба на највисоките раководни места во Унијата, туку, како што информира претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел по средбата, само имале „добра дискусија“.
Брисел, 18 јуни 2024 (МИА) - Лидерите на земјите членки на ЕУ на синоќешниот неформален самит во Брисел не успеаја да постигнат договор околу нашироко очекуваниот пакет за распределба на највисоките раководни места во Унијата, туку, како што информира претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел по средбата, само имале „добра дискусија“.
- Средбата претставуваше добра можност да се разменат мислења околу изборните резултати и за подготовка на формалната средба на Европскиот совет што ќе се одржи овде во Брисел следната недела. Мислам дека дискусијата се одвиваше во вистина насока, но во оваа фаза вечерва нема договор, изјави Мишел ноќеска нешто по полноќ по завршувањето на неформалниот состанок на европските лидери.
Тој истакна дека политичките партии на средбата ги изнеле своите предлози за кандидатите за водечките позиции во ЕУ и врз основа на нив ќе се работи на постигнување договор.
Пакетот за кој се расправало на неформалниот самит ги опфаќа претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен како кандидатка за реизбор на функцијата, поранешниот португалски премиер Антонио Кошта како кандидат за претседател на Европскиот совет, естонската премиерка Каја Калас за висока претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност и плус реизбор на претседателката на Европарламентот, Роберта Мецола.
Мишел нагласи и дека целта на вчерашната средба и не била да се донесе одлука околу носителите на врвните функции, туку само да се разменат мислења и да се изнесат очекувањата, надежите и приоритетите, за секој да може да го слушне секого, изразувајќи надеж дека до крајот на јуни лидерите на земјите членки на ЕУ сепак ќе постигнат договор.
Според дипломатски извори, проблемот поради кои не е постигнат договор не биле имињата, туку пакетот политики и програма за работа за следните пет години.
Но, сепак се појавија и информации дека дел од лидерите, главно од редовите на Европската народна партија (ЕПП), изразиле резерви кон номинацијата на Кошта, кој е предлог на Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите (СД).
Резервите се однесувале околу тврдењата за негова поврзаност со корупциски скандал во Португалија, иако по истрагата тој беше ослободен од обвинувањата за вмешаност во случајот. Дополнително, некои го посочиле и „слабото познавање на англискиот јазик“ од страна на Кошта, на што добиле реплика дека тоа било случај и со актуелниот полски премиер Доналд Туск кога је презеде функцијата претседател на Европскиот совет во 2014 година, па тоа не го спречи добро да ја извршува должноста.
Дека во ЕПП има резерви кон Кошта, уште синоќа потврди италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани.
- Некои стравуваат дека тој не е доволно цврст околу Украина. Но, дебатата е отворена, па ќе видиме, додаде Тајани, кој е и лидер на партијата Форца Италија (ФИ), која е дел од ЕПП.
Тој во понеделникот во интервју за италијанскиот весник „Кориере деа Сера“ дури изјави дека поранешниот италијански премиер Енрико Лета „може да биде добар претседател на Европскиот совет“. Лета доаѓа од редовите на италијанската Демократска партија (ПД), која како и Социјалистичката партија (ПШ) на Кошта е дел од СД.
Резерви некои од лидерите изразиле и кон Калас, која доаѓа од редовите на либералната група „Да ја обновиме Европа“, посочувајќи дека од неа сакаат да слушнат повеќе во врска со нејзините ставови за надворешната политика, освен само за односите со Русија и војната во Украина.
Дипломатски извори посочуваат дека на вчерашната средба на лидерите на партиите членки на ЕПП, одржана пред неформалниот Европски совет, усогласиле „минимални отстапки“ што би можеле да ги направат, базирајќи го ваквиот став на оценката дека партијата победи на Евроизборите и дека е единствената проевропска сила што освои повеќе европратеници отколку што имаше досега.
Дополнително, ЕПП им предложила на социјалдемократите да го „делат“ местото претседател на Европскиот совет со по еден мандат од по 2,5 години.
Согласно Договорот на ЕУ, мандатот на претседател на Европскиот совет трае 2,5 години со право на реизбор. Актуелниот претседател на Советот, Шарл Мишел беше избран во 2019 година, а по истекот на 2,5 годишниот мандат беше реизбран на таа функција.
ЕПП предлага СД да го даде кандидатот во првиот 2,5-годишен мандат, а во вториот за претседател на Советот на ЕУ да биде избран нејзин претставник. За возврат, во првите 2,5 години од мандатот на Европскиот парламент со него би раководела досегашната претседателка Роберта Мецола, која е од редовите на ЕПП, а потоа функцијата би ја презел кандидат на СД. Договорот предвидува и поддршка на социјалдемократите за реизбор на Урсула фон дер Лајен на местото претседателка на Европската комисија.
Од друга страна, италијанската премиерка Џорџа Мелони „била тивка“ за време на првиот дел од вечерашниот неформален состанок, што според дипломатски извори, може да биде показател дека таа „не е задоволна“ од пакетот за распределба на врвните позиции во ЕУ или можеби со тоа само се обидува да добие некоја отстапка за возврат на поддршката за предложените кандидати имајќи предвид дека меѓу нив нема ниту еден член на нејзината група Европски конзервативци и реформисти (ЕЦР).
Незадоволство од предложениот пакет изрази и унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој оцени дека на синоќешната средба била „игнорирана волјата на европскиот народ“.
Унгарскиот министер за ЕУ, Јанош Бока вчера интервју за „Полтико“ посочи дека за Унгарија се прифатливи сите кандидати за врвните позиции во ЕУ, освен Фон дер Лајен и затоа Букурешт нема да го поддржи нејзиниот реизбор за претседателка на Европската комисија.
- Односот меѓу претседателката на Комисијата и Унгарија како земја членка беше помалку од идеален. Поради овие причини, ќе ни биде многу тешко да ја поддржиме за втор мандат, изјави Бока.
Продолжението на дискусијата околу изборот на носителите на врвните функции во ЕУ е предвидено за заседанието на Европскиот совет предвидено за 27 и 28 јуни во Брисел, на кое се очекува и конечен договор за предложениот пакет на кандидати. сп/
Фото: МИА Архива