Заканите на Трамп со царини за увозот на француско вино и шампањ се недозволиви и брутални, изјави министерката за земјоделство на Франција
- Заканите на претседателот на САД, Доналд Трамп, за воведување царини од 200 отсто на увозот на француски вина и шампањ се недозволиви и невидено брутални, изјави денеска министерката за земјоделство на Франција, Ани Женевар.
Париз, 20 јануари 2026 (МИА) – Заканите на претседателот на САД, Доналд Трамп, за воведување царини од 200 отсто на увозот на француски вина и шампањ се недозволиви и невидено брутални, изјави денеска министерката за земјоделство на Франција, Ани Женевар.
Според неа, ваквите дејства би погодиле сектор кој веќе се соочува со сериозни тешкотии.
- Заканата во оваа фаза е неприфатлива, со невидена грубост и очигледно не може да остане без реакција не само од страна на Франција туку и од целата Европска Унија - изјави Женевар во интервју за телевизијата ТФ1.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, претходно изјави дека има намера да воведе царини од 200 проценти за француските вина и за шампањот како дел од пошироката закана со царини за европските земји кои се противат на неговиот план во врска со Гренланд.
На новинарско прашање за изјавата на францускиот претседател Емануел Макрон дека нема да му се приклучи на одборот за мир, Трамп рекол: „Дали го кажа тоа? Па никој не го сака бидејќи многу бргу нема да биде на функцијата“.
- Ќе воведам царини од 200 проценти за француските вина и за шампањот, а Макрон ќе му се приклучи на одборот за мир - изјави Трамп.
Макрон вчера рече дека Франција „во оваа фаза нема намера позитивно да одговори“ на понудата за учество во овој мировен одбор. јт/
Фото: ЕПА