• среда, 21 јануари 2026

Бока: Владата на Унгарија почна систематска ревизија на овластувањата на ЕУ

Бока: Владата на Унгарија почна систематска ревизија на овластувањата на ЕУ

Будимпешта, 20 јануари 2026 (МИА) – Владата на Унгарија почна систематска ревизија на овластувањата на Европската Унија, изјави денеска унгарскиот министер за европски прашања Јанош Бока на прес-конференција во Будимпешта.

Тој истакна дека проверката е неопходно поради „тајното проширување“ на ингеренциите на ЕУ во области како што се економската политика, енергетиката, миграцијата, владеењето на правото, образованието, културата и семејната политика.

Бока наведе дека ЕУ е изградена врз принципот земјите-членки сами да одлучуваат во кои области сакаат да соработуваат преку заедничките институции.

- Кога на земјите-членки им се одзема одлучувањето, националниот суверенитет е сериозно поткопан, потенцира Бока.

Според него, ЕУ сè повеќе се пробива во области како што се образованието, културата и семејната политика и оти сегашните заштитни мерки не функционираат ефикасно, поради што се потребни нови решенија и алатки.

- Целта на ревизијата  е да се открие токму ова тајно проширување на овластувањата на ЕУ … Анализата ќе се обиде да објасни зошто постојните механизми на ЕУ за заштита на овластувањата на земјите-членки не функционираат во пракса, посочи Бока. ми/

фото: ЕПА

Остани поврзан