• четврток, 30 јануари 2025

Загадувањето на воздухот ги крена струмичани на протестен марш в сабота

Загадувањето на воздухот ги крена струмичани на протестен марш в сабота

Струмица, 28 јануари 2025 (МИА) - Енормното загадување на воздухот во Струмица со ПМ 10 честички и заради надминатиот праг на алармирање, како и по четврти пат оваа зима стапување во сила на препораките на Министеството за животна средина и просторно планирање, ги крена струмичките екологисти и граѓаните на протестен марш кој треба да се одржи на 1 февруари, в сабота.

Протестниот марш ќе се одржи под мотото „Забрането дишење“, а го организира Еколошкото здружение „Здрава котлина“ од Струмица.

-На 1 февруари (сабота) со почеток во 11:00 часот ќе одржиме протестен марш низ улиците на Струмица како израз на граѓанско незадоволство од упорното нерешавање на проблемот со воздушното загадување во Струмичката котлина што ја искачи Струмица на 7-мо место како најзагаден град во Европа, се наведува во поканата за маршот од „Здрава котлина“.

Протестниот марш ќе се одвива по главните улици во Струмица, а ќе заврши пред зградата на Општина Струмица, кај канцелариите на инспекциските служби.

-Пресудно е да се врши јавен притисок и тоа е најефективно во отсуство на резултати кои со години ги чекаме да стигнат. Она што досега добивме се полни болници и жални вести. Струмица не смее да остане 7-ми најзагаден град во Европа и токму тоа зависи од сите нас! Ова е исклучиво граѓански протест и секакво јавно истакнато партиско обележје или симбол ќе биде отстрането од страна на редарите, стои во објавата на екологистите.

Инаку, според истражувањето што беше спроведено лани од страна на Лабораторијата при Универзитетот „Гоце Делчев’ од Штип, најголемо учество во загадувањето на воздухот во Општина Струмица има согорувањето на биомасата, која на годишно ниво учествува со 35 отсто и во зимскиот период ги надминува дозволените гранични лимити. Втор извор на загадување е сообраќајот, а другите извори учествуваат со помал процент.рт/са/

Фото: МИА архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан