• вторник, 12 ноември 2024

Заврши чистењето на речното корито на Писа во Пехчево

Заврши чистењето на речното корито на Писа во Пехчево
Пехчево, 2 јули 2022 (МИА) - Во Пехчево заврши чистењето на коритото на реката Писа. Како што информираа од Општината, активноста се реализираше во рамки на потпишаниот меморандум со организации кои се дел од Мрежата за рурален развој и  Локалната акциска група Малеш-Пијанец.
-Општина Пехчево во соработка со јавните институции, бизнис-секторот и здруженија  на граѓани заврши со активноста чистење на речното корито во Пехчево. Во проектната иницијатива учествуваат БИ ГРУП 18 ДООЕЛ, ЈКП „Комуналец“ – Пехчево, Црквата ,,Св. Петар и Павле" како и НВО секторот, Организација на жени во Пехчево, Здружението за лековити билки и шумски плодови „Амброзија“ и Здружението Едукативен центар за зачувување на природата, село Негрево Пехчево. Соработката има цел подобрување на состојбата на животната средина преку чистење на самото речно корито на реката Писа, истакнаа од Општината.
Градежните работи се состоеја од чистење на речното корито, депонирање на отстранетиот нанос и органски отпад на соодветно место, акција за чистење на речното корито од комунален цврст отпад и санација на кејот и поставување урбана опрема.
Проектната иницијатива е поддржана од проектот „Програма за развој на заедницата“, финансиран од Агенцијата на САД за меѓународен развој – УСАИД, а имплементиран од Мрежата за рурален развој на Северна Македонија. вс/хс/

Остани поврзан