• недела, 01 декември 2024

ДСЗИ ќе иницира постапка за стучен надзор над лекувањето на починатото петгодишно дете

ДСЗИ ќе иницира постапка за стучен надзор над лекувањето на починатото петгодишно дете

Скопје, 11 ноември 2024 (МИА) - Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) денеска информира дека согласно член 6 став 2 од Законот за санитарната и здравствената инспекција, до министерот за здравство ќе иницира постапка за стручен надзор над лекувањето на петгодишното дете на Детската клиника во Скопје. Инспекторатот констатирал недостатоци во работата на оваа клиника.

По издаден налог од директорот, од страна на ДСЗИ на 8 ноември бил извршен вонреден инспекциски надзор на Клиниката. Констатирано било дека детето на Клиниката првпат било донесено на 3 октомври заради главоболка и покачена температура, тоа било прегледано и дадена му била симптоматска терапија.

- На 3 октомври, детето е донесено на контролен преглед, направени му се ртг на бели дробови, гасни анализи и упатено на контрола кај матичен доктор. На 6 октомври, детето повторно е донесено на Клиниката, малаксано, фебрилно вознемирено и по направените лабораториски испитувања и КТМ на глава, хоспитализирано е на Клиниката во придружба на мајката, појаснуваат од ДСЗИ.

За време на хоспитализацијата, детето било водено од повеќе различни доктори на Клиниката при што му биле правени дополнителни лабораториски испитувања и давана терапија.

- На  14 октомври, детето е со пад на сатурацијата, соспорозно, повикани се доктори од ОИНТ (одделение за интензивна нега и терапија), реанимирано, интубирано и поставено на механичка вентилација. Во меѓувреме, вршени му се лабораториски и дијагностички испитувања, реализирани конзилијарни прегледи од кардиолог, инфектолог, реуматолог, нефролог и детски хирург. За време на престојот на ОИНТ, реанимирано во неколку наврати со позитивен одговор, но, на ден 5 ноември, реанимацијата е без одговор и во 7:20 часот, констиран exitus letalis. На потврдата за смрт наведена е дијагноза менингоенцефалитис, но, истиот не е лабораториски потврден, додаваат од ИСЗИ.

Како што додаваат, обдукција не била извршена на барање на родителите.

Во однос на надлежностите на ДСЗИ, при надзорот констатирани биле недостатоци во однос на водењето на медицинската документација, односно во упатите не била наведена работната дијагноза за пациентот, не биле пишувани декурзуси од сите доктори, во Историјата за пациентот недостасувале планови за лекување за што од страна на ДСЗИ, како што е најавено, ќе биде издадено решение со наредба за водење на евиденција согласно закон. 

- ДСЗИ исто така има забелешки и во однос на организацијата, работата на Клиниката особено во делот на  дежурства кога се ангажираат само специјализанти, а за што од страна на ДСЗИ претходно е издадено решение за кое роковите се во тек. Согласно член 6 став 2 од Законот за санитарната и здравствената инспекција до министерот за здравство ДСЗИ ќе иницира постапка за стручен надзор над лекувањето на детето, потенцираат оттаму. бд/ев/

Фото: МИА архива

Остани поврзан