• понеделник, 23 декември 2024

Заврши петтата Малореканска летна школа – „По патеките на Дичо Зограф“

Заврши петтата Малореканска летна школа – „По патеките на Дичо Зограф“

Дебар, 9 септември 2024 (МИА) - Бигорскиот Манастир во изминатите денови беше домаќин на значаен културно-научен настан – петтата Малореканска летна школа „По патеките на Дичо Зограф“, која посветено се занимава со духот на мијачката уметност и култура и е посветена на истражувањето на делото на еден од најголемите македонски зографи - Дичо Зограф.

Под покровителство на Институтот „Цветан Грозданов“ при МАНУ, школата беше организирана со поддршка на здружението на граѓани „Брзовец“ од село Тресонче, Општина Маврово-Ростуше и со благослов на игуменот на Бигорската Обител, епископот Антаниски г. Партениј. 

Програмата за оваа година опфати научни и едукативни сесии посветени на уметноста, архитектурата и духовното наследство на мијачкиот крај, кои се одржаа на неколку локации во мијачкиот крај, и главно во Бигорскиот манастир.

Свеченото отворање се одржа на 1 септември во црквата „Свети Петар и Павле“ во Тресонче. Присутните имаа можност да ја проследат промоцијата на Зборникот на трудови „По патеките на Дичо Зограф“, кој беше промовиран од проф. д-р Ненад Макуљевиќ. 

-Ова второ издание на Зборникот ја зацврстува вредноста на истражувањата поврзани со делото на Дичо Зограф, обезбедувајќи дополнителен научен контекст за неговото уметничко влијание и значење, рече меѓу другото Макуљевиќ.

Присутните ги поздрави и градоначалникот на Општина Маврово-Ростуше, Медат Куртоски, по што беше отслужена панихида за дебарско-мијачките зографи, кои оставиле неизбришлив белег во македонската и во светската уметност.

Во текот на следните денови, вечерните сесии што се одржаа во Бигорскиот Манастир опфатија предавања од реномирани истражувачи, меѓу кои д-р Љупчо С. Ристески, д-р Сашо Цветковски, д-р Ненад Макуљевиќ и д-р Ивана Женарју Рајович. Темите што беа обработувани вклучуваа истражувања за културно-историските карактеристики на Мијачијата, за иконографијата на Дичо Зограф и за неговото наследство, како и за улогата на мијачките зографи во македонската и во балканската уметност.

Покрај научните сесии, учесниците на Школата ја посетија и изложбата посветена на резбаниот иконостас на Петре Филиповски Гарката во црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во Гари, како и значајните културно-историски споменици во регионот, вклучувајќи ги црквите „Свети Велкомаченик Георгиј“ во Лазарополе и „Свети Ахилиј Лариски“ во село Требиште. Овие посети беа придружени со стручно водство и дискусии за архитектонските и уметничките вредности на овие свети храмови и споменици.

Школата заврши со заклучна сесија, на која повторно беше истакната важноста на зачувувањето и промоцијата на духовното и културното наследство на мијачкиот крај. Културниот центар „Дичо Зограф“, во неговото родно Тресонче, чие целосно опремување се очекува да заврши до крајот на годинава, останува клучна платформа за истражување и претставување на ова уникатно наследство.

Овој настан не само што ги привлече научниците и уметниците од регионот, туку и ја истакна важноста на мијачкиот крај и на Бигорскиот манастир како негов центар и како еден од столбовите на нашата културна историја, потенцирајќи ја потребата за зачувување и промоција на богатото духовно наследство. вт/аа/

Фото: Бигорски манастир

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан