• среда, 25 декември 2024

ЕУ станува набљудувач на организацијата за борба против пиратите во северозападниот дел на Индискиот Океан 

ЕУ станува набљудувач на организацијата за борба против пиратите во северозападниот дел на Индискиот Океан 

Брисел, 23 април 2024 (МИА) – Советот на ЕУ одлучи да ја прифати поканата на Секретаријатот на Кодексот на однесување од Џибути/Амандманот од Џеда и да стане „пријател“, односно набљудувач, на оваа регионална рамка за соработка во справувањето со пиратеријата, вооружените грабежи, трговијата со луѓе и другите илегални поморски активности во реонот на северозападниот дел на Индискиот Океан, вклучувајќи ги и Аденскиот Залив и Црвеното Море, јави дописникот на МИА од Брисел. 

Како што соопшти Европската комисија, со ова ЕУ ја манифестира својата силна поддршка за создавање ефикасна регионална поморска безбедносна архитектура и во исто време го зајакнува своето присуство и ангажман како глобален гарант на поморска безбедност и на борбата против илегалните поморски активности. 

- Северозападниот дел на Индиски Океан е еден од најдинамичните центри на економски раст во светот. Со оглед на тоа што 80 отсто од светската трговија минува низ Индискиот Океан, од клучно значење е да се обезбеди слобода на пловидбата и да се заштитат безбедноста и интересите на ЕУ и нејзините партнери, се додава во соопштението на ЕК. 

Кодексот на однесување од Џибути/Амандманот од Џеда во 2017 година го потпишаа 17 држави од источна Африка и југозападна Азија, кои гравитираат кон реонот на северозападниот дел на Индиски Океан, со цел да се промовира регионалната соработка и да се зајакнат капацитетите на државите потписнички во спротивставувањето на растечките закани по поморската безбедност во Аденскиот Залив и Црвеното Море.  

Во декември 2008 година ЕУ ја започна операцијата за поморска безбедност „Аталанта“, чија цел е борба против пиратеријата крај бреговите на Сомалија, а минатата година ја лансираше и мисијата „Аспида“ за заштита трговските бродови што минуваат низ Црвеното Море. Покрај овие операции, ЕУ во овој дел од светот спроведува и мисии во Сомалија и Мозамбик, како и проектите за поморска безбедност Критични поморски патишта во Индо-Пацификот (КРИМАРИО) и Безбедни мориња во Африка (ССА). 

Во 2022 година, Советот на ЕУ усвои заклучоци во кој се препорачува започнување на координирано поморско присуство на Унијата во северозападниот дел на Индискиот Океан и зајакнување на соработката со државите од регионот и регионалните организации за зголемување на поморската безбедност. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан