„Еурактив“: Понижување на Европа
- Сепак, никогаш досега Европа не дозволила да биде ставена на поводник од американската администрација и да парадира наоколу како кучка со педигре. Токму тоа се случи за време на настапот на американскиот државен секретар Пит Хегсет во седиштето на НАТО. За само неколку минути, Хегсет ја згасна сета преостаната надеж на Европа дека би можела да има некаква улога во дискусијата за иднината на Украина, се наведува во текстот.

Брисел, 15 февруари 2025 (МИА) - По сите најави во последните години околу „стратешката автономија“ и геополитичкото влијание на ЕУ, оваа недела и официјално видовме колку навистина Европа е мала на глобалната сцена, се наведува во коментар на бриселскиот портал „Еурактив“ во врска со последните случувања околу Украина.
Според авторот на коментарот, колку е Европа мала, станува јасно ако се види кому американскиот претседател Доналд Трамп не му се јави оваа недела: на претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, на францускиот претседател Емануел Макрон и на германскиот канцелар Олаф Шолц, па дури ни на италијанската премиер Џорџа Мелони, која наводно „е единствениот голем европски лидер што му се допаѓа“.
- Причината е јасна: тој ни не мора. Трамп може да склучи договор со (рускиот претседател) Владимир Путин за Украина, со или без остатокот од Европа. Се што сака од Европејците е да испратат и да платат мировници, што тие неминовно и ќе го направат. Па зошто воопшто да се мачиме да разговараме за тоа?, се наведува во коментарот.
Во текстот се додава ова покажува оти нема ништо ново околу зависноста на Европа од американскиот безбедносен чадор, како што впрочем е и „во поголемиот дел од нашите животи“.
- Сепак, никогаш досега Европа не дозволила да биде ставена на поводник од американската администрација и да парадира наоколу како кучка со педигре. Токму тоа се случи за време на настапот на американскиот државен секретар Пит Хегсет во седиштето на НАТО. За само неколку минути, Хегсет ја згасна сета преостаната надеж на Европа дека би можела да има некаква улога во дискусијата за иднината на Украина, се наведува во текстот.
Според авторот на коментарот, пораката на Хегсет накусо може да се резимира дека нема гаранции за границите на Украина од пред 2014 година, нема членство на земјата во НАТО и нема учество на Алијансата во мировните сили.
- Мировните разговори ќе започнат „веднаш“, според Доналд Трамп. Додека Украина најверојатно ќе биде поканета, Европа најверојатно никаде ќе ја нема. Украина ќе биде „фрлена по реката“, а Европа може да седи на брегот и да гледа. Примамливо е да се каже дека Европа треба да „размисли за своите опции“. Но, тажната реалност е дека ги нема. И сите, особено Трамп и неговите послушници, го знаат тоа, се заклучува во коментарот на „Еурактив“. сп/
Фото: МИА Архива/НАТО