• среда, 25 декември 2024

ЕПИ: Состојбата со реформата на јавната администрација речиси иста како во 2019/20 година, некаков напредок во 2021/22 е забележан во областа отчетност

ЕПИ: Состојбата со реформата на јавната администрација речиси иста како во 2019/20 година, некаков напредок во 2021/22 е забележан во областа отчетност

Скопје, 21 јуни 2023 (МИА) - Ситуацијата со реформата на јавната администрација е речиси иста како во претходниот мониторинг за 2019/20 година, има застој особено во однос на носењето на законите кои се однесуваат на администрацијата и законот за висока раководна служба, а некаков напредок е забележан во областа отчетност, се констатира во Извештајот за реформата на јавната администрација во 2021/22 година што го изработи Институтот за европска политика – Скопје (ЕПИ).

Во третиот по ред мониторинг на реформата на јавната администрација, ЕПИ посочува дека кај некои места што во претходниот мониторинг беше забележан напредок сега се бележи застој, особено во однос на законите кои се однесуваат на работата на администрацијата. ЕПИ препорачува да се донесат законите за висока раководна служба, за организација на органите на управата, за административни службеници и за вработени во јавен сектор и на тој начин, како што велат, ќе се забележи некаков напредок, а особено со законот за висока раководна служба чие носење го очекува и Европската комисија.

- Кај некои од институциите кои ги истражувавме забележавме напредок во областа отчетност. Тие ги објавуваат своите ажурирани податоци на веб-локациите, а најдобар напредок има во работењето на Државниот завод за ревизија каде има многу добра соработка и комуникација со јавноста во однос на нивната работа, изјави Јулијана Караи, истражувачка во ЕПИ пред почетокот на презентацијата на третиот мониторинг.

Таа нагласи дека за разлика од 2017 и 2018 година Владата сега многу помалку објавува информации.

- Во 2017/18 година во првиот наш монитор за реформа на јавната администрација имаше навистина голем скок во однос на објавувањето на информациите за работата на Владата, меѓутоа трендот и во претходниот монитор и сега покажува дека има назадување, бидејќи Владата ги нема објавено своите извештаи за работа за 2020/21 година, а исто така има и дел од националните стратегии за кои не успеавме да најдеме каков е степенот на нивна реализација. Во однос на седниците на Владата освен објавувањето на дневниот ред не може да се најдат податоци за документите кои Владата ги донела во рамки на одржаните седници, појасни Караи. 

Во мониторот се констатира дека во Стратешката рамка за реформа на јавната администрација ситуацијата е иста како во претходниот монитор за 2019/20 година, во областа Развој на политики и координација има значително назадување, во областа Јавна служба и управување со човечки ресурси ситуацијата е иста како и во минатиот мониторинг циклус, во областа Отчетност ситуацијата во голема мера останува иста како и изминатите години, во одредени области има извесни подобрувања, иста е и состојбата во областа Давање услуги, додека во областа Управување со јавни финансии најголем напредок има Државниот завод за ревизија.

- Во овој мониторинг извештај се забележува евидентно назадување во однос на достапноста на информации за спроведените јавни набавки и јавната достапност на информации за јавните внатрешни финансиски контроли и парламентарната контрола. Годишните планови за јавни набавки се достапни на Националниот е-портал за јавни набавки за сите министерства и државни институции, а најголемиот дел од плановите за јавни набавки се објавени на веб-страниците на министерствата. Сепак, загрижувачки е што не беа пронајдени извештаи за спроведените јавни набавки за ниту еден од договорните органи на централно ниво што беа предмет на анализа, во последните две календарски години, се вели во последниот извештај на ЕПИ. 

Охрабрувачки е, се додава, да се види дека отворените и конкурентни постапки се главниот метод за јавни набавки, бидејќи само 2,45 отсто од договорите се склучени преку постапката со преговарање без објавување повик. вј/сп/

Фото: МИА

Остани поврзан