• петок, 20 декември 2024

ЕК предвидува економски раст во ЕУ од најмалку 1,5 отсто во следните две години  

ЕК предвидува економски раст во ЕУ од најмалку 1,5 отсто во следните две години  

Брисел, 15 ноември 2024 (МИА) - По подолг период на стагнација, економијата на ЕУ остварува скромен раст, а во исто време продолжува намалувањето на стапката на инфлација, се наведува во есенската прогноза на Европската комисија за економските перспективи во блокот. 

Извршен потпретседател на Европската комисија за економија во интерес на луѓето, Валдис Домбровскис оцени дека постојаното закрепнување на економијата на ЕУ, ќе придонесе за забрзување на економскиот раст во следната година со зголемената потрошувачка, благодарение на зајакнувањето на куповната моќ, рекордно ниската невработеност и очекуваниот раст на инвестиции.  

- Сепак, со оглед на актуелната геополитичка несигурност и многуте ризици, не можеме да си дозволиме да бидеме самозадоволни. Треба да се справиме со долготрајните структурни предизвици, да ја зголемиме продуктивноста и да се погрижиме економија на ЕУ да остане глобално конкурентна, изјави Домбровскис.  

Според него, од витално значење е земјите членки на ЕУ да ги спроведат сите реформи и инвестициски планови за закрепнување и отпорност и да ги намалат нивоата на јавниот долг во согласност со новите фискални правила. 

Еврокомесарот за економија Паоло Џентилони, пак, порача дека европската економија полека закрепнува, со намалување на инфлацијата, растот на домашната потрошувачка и инвестициите и со намалување на невработеноста на рекордно ниско ниво.  

- Сепак, структурните предизвици и геополитичката неизвесност влијаат на нашите идни перспективи. Земјите членки ќе мора да работат на намалување на нивото на долгот и истовремено поддржувајќи го растот, оцени Џентилони.  

Тој порача дека зајакнувањето на конкурентност на ЕУ преку инвестиции и структурни реформи е од клучно значење за поттикнување на потенцијалниот економски раст и за надминување на растечките геополитички ризици.  

ЕК во извештајот предвидува раст на БДП во 2024 година на 0,9 отсто на ниво на цела ЕУ и од 0,8 во Еврозоната. За следната година се прогнозира економски раст од 1,5 проценти во ЕУ и 1,3 отсто во Еврозоната, додека за 2026 година се проценува зголемување на БДП од 1,8 отсто на ниво на целиот блок и од 1,6 проценти  во еврозоната во 2026 година. 

Во однос на стапката на инфлација се предвидува нејзино намалување на ниво на ЕУ на крајот на годинава од ланските 6,4 на 2,6 проценти, а во следните две години се прогнозира нејзино натамошно намалување на 2,4 отсто во 2025 и 2,0 проценти во 2026 година. 

Кога станува збор за Еврозоната, ЕК проценува намалување на инфлацијата од ланските 5,4 на 2,4 проценти годинава, на 2,1 отсто во 2025 и на 1,9 проценти во 2026 година. 

Во извештајот се посочува дека по обновениот раст во првиот квартал од 2024 година, економијата на ЕУ продолжи да расте и во текот на вториот и третиот квартал со придушено, но стабилно темпо. 

Во исто време продолжи и растот на вработеноста и на реалните плати, иако потрошувачката на домаќинствата и натаму остана ограничена како резултат на високите трошоци за живот, зголемената неизвесност од можни нови екстремни шокови и стимулациите за штедење со повисоки каматни стапки. 

- Сепак, се чини дека ограничувањето на потрошувачката се намалува. Како што се зголемува куповната моќ со петстепениот раст на платите и со намалувањето на каматните стапки, потрошувачката дополнително ќе расте, предвидува ЕК.  

Од друга страна се предвидува и зголемување на инвестициите, враќање на профитот и подобрувањето на условите за кредитирање.  

- Севкупно, се предвидува домашната потрошувачка дополнително да го поттикне економскиот раст. Во 2025 и 2026 година, извозот и увозот се очекува да растат со исто темпо, што подразбира неутрален придонес на нето трговијата на растот, се додава во есенската прогноза на Еврокомисијата. 

Во извештајот се прогнозира пазарот на труд во ЕУ да остане силен во следните две години, со рекордно ниска стапка на невработеност. Така, се предвидува вработеноста да продолжи да расте, иако со забавено темпо. За годинава се прогнозира раст на стапката на вработеност од 0,8 отсто во ЕУ и 0,9 проценти во Еврозоната, додека во 2026 година таа би се свела на 0,5 отсто на ниво на блокот и на 0,6 проценти во зоната на еврото. 

Откако минатиот месец стапката на невработеност во ЕУ достигна историски најниско ниво од 5,9 отсто, ЕК прогнозира дека на ниво на цела 2024 година таа ќе изнесува 6,1 отсто, по што ќе се намали на 5,9 проценти во 2025 и 2026 година. Во Еврозоната, пак, се предвидува стапката на невработеност годинава да изнесува 6,5 отсто и да се намали на 6,3 проценти во следната и во 2026 година. 

Во однос на буџетскиот дефицит за ЕУ се прогнозира годинава тој да се намали на ниво од 3,1 отсто од БДП, како и на 3,0 проценти во 2025 и 2,9 во 2026 година. Во Еврозоната пак се предвидува дефицит од 3,0 отсто за 2024, 2,9 за 2025 и 2,8 проценти за 2026 година.   

Од друга страна се предвидува раст на вкупниот долг во ЕУ од 82,1 отсто од БДП во 2023 на 83,4 проценти во 2026 година, додека во Еврозоната тој би достигнал до 88,9 отсто. 

Во прогнозата се нагласува дека продолжувањето на руска агресија врз Украина и интензивирањето на конфликт на Блискиот Исток поттикнуваат геополитички ризици и загрозување на енергетската безбедност, со што се зголемува неизвесноста околу економските перспективи на ЕУ. Неизвесноста и ризиците по европската економија се зголемуваат и со протекционистичките мерки на некои од трговските партнери на ЕУ, што може да влијае на нарушување на глобалната трговија. 

- На домашен план, политичката нестабилност и структурните предизвици во производниот сектор би можеле да доведат до дополнително намалување на конкурентноста и да влијаат на растот и на пазарот на трудот, оценува ЕК. 

Дополнително, според ЕК, на стапката на предвидениот раст може да влијае доцнењето на имплементацијата на Механизмот за закрепнување и отпорност, како и елементарните непогоди предизвикани од климатските промени, како неодамнешните разорни поплави во Шпанија. 

Европската комисија објавува сеопфатни економски прогнози двапати годишно во пролет и есен, покривајќи широк опсег на макроекономски и фискални варијабли за сите земји членки на ЕУ, кандидати за членство, државите од ЕФТА и другите големи пазарни и економии во развој. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан