ЕК очекува брза истрага за „инцидентите“ против демонстрантите во Србија
- Европската комисија внимателно ја следи актуелната внатрешна политичка ситуација во Србија поврзана со масовните протести на студентите и други групи и ги охрабрува сите политички актери за враќање на дијалогот и за воздржување од ескалација на тензиите, изјави денеска портпаролот на ЕК за проширување, меѓународни партнерства и Медитеранот Гијом Мерсие.

Брисел, 20 јануари 2025 (МИА) - Европската комисија внимателно ја следи актуелната внатрешна политичка ситуација во Србија поврзана со масовните протести на студентите и други групи и ги охрабрува сите политички актери за враќање на дијалогот и за воздржување од ескалација на тензиите, изјави денеска портпаролот на ЕК за проширување, меѓународни партнерства и Медитеранот Гијом Мерсие.
- Изразуваме загриженост поради пријавените инциденти против демонстрантите, за кои очекуваме брза истрага, рече Мерсие.
Тој нагласи дека слободата на собирање е меѓу основните права на ЕУ, што треба да се штити и почитува согласно принципите на владеење на правото и одржување на јавниот ред.
- Политичките чинители треба да се вклучат конструктивно во меѓупартиски политички дијалог, што ќе овозможи одново фокусирање на вниманието и на енергијата за комплетирање на реформите во сферата на владеењето на правото и во согласност со законодавството на ЕУ, со цел забрзување на пристапниот процес на Србија согласно декларираните определби на српското раководство и интересот на српските граѓани, истакна Мерсие. сп/
Фото: Скриншот