• петок, 19 септември 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

ЕК не ги коментира најавите од САД за одлагање на царините до 1 август и за испраќање писма до трговските партнери  

ЕК не ги коментира најавите од САД за одлагање на царините до 1 август и за испраќање писма до трговските партнери  

Брисел, 7 јули 2025 (МИА) - Европската комисија не ги коментира најавите од Вашингтон за одлагање на стапувањето во сила на одлуката за царини од 50 отсто за увоз во САД до 1 август, како и за испраќањето писма со детали за нови царински стапки и трговски договори до американските трговски партнери, изјави денеска портпаролот на ЕК за економска безбедност, трговија и царини Олоф Гил. 

- Морам да истакнам дека овие прашања треба да бидат насочени кон другата страна на Атлантикот, а не тука. Нема да коментираме писма што не сме ги добиле, а исто така нема да коментираме коментари од Американската администрација, изјави Гил во одговор на прашање за коментар на најавите од Вашингтон. 

Гил додаде дека ЕУ продолжуваме да работи со САД на постигнување трговски договор и во таа смисла се одржуваат меѓусебни контакти на политичко и техничко ниво. 

- Целосно сме посветени на постигнување договор што ќе биде во корист на бизнисите и потрошувачите од ЕУ и на глобалната економија како целина. Тоа беше нашата цел од самиот почеток, додаде Гил. 

Тој нагласи дека ставот на ЕУ во однос на царините е непроменет и таа и натаму смета дека тие се штетни и сака да го избегне нивното воведување. 

- Наша цел останува да постигнеме договор до 9 јули, додаде Гил.  

Според Гил, во последниот период е постигнат „значителен напредок“ во преговорите меѓу ЕУ и САД, особени при минатонеделната посета на еврокомесарот за трговија и економска безбедност Марош Шефчович на Вашингтон и дека контактите продолжуваат. 

Во тој контекст, заменикот главен портпарол на ЕК, Стефан де Керсмакер потврди дека претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен вчера имала телефонски разговор со американскиот претседател Доналд Трамп во кој оствариле „добра размена на мислења“. 

Американскиот секретар за финансии Скот Бесант вчера најави дека стапувањето во сила на одлуката за воведување на општа царинска стапка до 50 проценти за увозот на стоки и услуги во САД се пролонгира до 1 август. Оваа одлука беше донесена во април, но потоа нејзиното стапување во сила беше пролонгирано за 9 јули, за сега да следи најава за одново одлагање на важноста на овие мерки. 

Трамп, пак најави дека од денеска Вашингтон ќе започне со испраќање официјални писма до своите трговски партнери со детали за нови царини и трговски договори.

- Писмата со договори или царини ќе бидат испратени до различни земји низ светот од понеделник напладне (18:00 по Гринич), објави Трамп на платформата Трут Соушл. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан