• среда, 18 декември 2024

ЕК започна постапка против ТикТок поради „изборни ризици“  

ЕК започна постапка против ТикТок поради „изборни ризици“  

Брисел, 18 декември 2024 (МИА) - Европската комисија отвори формална постапка против ТикТок под сомнеж за непочитување на обврските од Законот за дигитални услуги на ЕУ (ДСА) за проценка и ублажување на системските ризици поврзани со изборниот интегритет, особено во контекст на претседателските избори во Романија одржани на 24 ноември. 

Во врска со ваквата одлука претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, порача дека ЕУ мора да ги заштити своите демократии од секаков вид странско мешање.  

- Секогаш кога се сомневаме во такво мешање, особено за време на избори, мораме да дејствуваме брзо и цврсто. По сериозните индикации дека странски актери се мешале во романските претседателски избори користејќи ТикТок, сега темелно истражуваме дали ТикТок го прекршил Законот за дигитални услуги со тоа што не успеал да се справи со таквите ризици. Треба да биде кристално јасно дека во ЕУ, сите онлајн платформи, вклучително и ТикТок, мора да одговараат, нагласи Фон дер Лајен. 

Според извршната потпретседателка на Европската комисија за технички суверенитет, безбедност и демократија, Хена Виркунен, Европска Унија има одговорност да ги заштити своите демократски процеси од потенцијални манипулации и мешање.  

- Уверена сум дека нашата истрага за практиките на ТикТок ќе придонесе за побезбедна и подоверлива онлајн средина за сите граѓани на ЕУ и со нетрпение очекувам тесна соработка со ТикТок за да се решат сите грижи што може да се појават, додаде Виркунен. 

Како што најави ЕК, истрагата ќе се фокусира на справување со ризиците по изборите или граѓанскиот дискурс, поврзани со системот за препораки на ТикТок, со координирана неавтентична манипулација или автоматизирана злоупотреба на услугата, како и во врска за политиките на социјалната за политичко рекламирање и платена политичка содржина. 

- Доколку се докаже дека се сомнежите на Комисијата се точни, тоа би претставувало прекршување на членовите 34 став 1 и 2 и член 35 став 1 од ДСА. Комисијата сега ќе спроведе длабинска истрага како приоритетно прашање. Отворањето на формалната постапка не го прејудицира нејзиниот исход, се додава во соопштението на ЕК. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан