ЕК: Барањата на студентските протести во Србија се прашање за инклузивен дијалог меѓу властите и демонстрантите

Брисел, 27 март 2025 (МИА) - Европската комисија внимателно ја следи ситуацијата во Србија поврзана со протестите без преседан на кои голем број граѓани мирно протестираат и ги повикува сите засегнати страна на изнаоѓање мирно и политичко решение за излез од сегашната криза, изјави денеска портпаролот на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Гијом Мерсие.
Одговарајќи на новинарски прашање за повеќе детали за средбата на претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта и претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен со српскиот претседател Александар Вучиќ, што се одржа во вторникот вечерта во Брисел, Мерсие се повика на објавите на европските лидери на Икс дека тоа бил „важен состанок“ и дека се разговарало за реформите поврзани со пристапувањето кон ЕУ што треба да ги спроведе Србија и да преземе решавачки чекори поврзани со слободата на медиумите, борбата против корупцијата и изборните реформи.
- Иднината на Србија е во ЕУ, изјави Мерсие, додавајќи дека ЕК е во контакт со своите партнери во Србија во напорите за постигнување веродостоен и видлив напредок во спроведувањето на реформите, во што треба да се вклучи целото општество.
Како што јави допсиникот на МИА од Брисел, запрашан дали ЕК има средби со студентите кои учествуваат во протестите или со опозициските партии, Мерси изјави дека еврокомесарката за проширува Марта Кос пред неколку недели имала средна со претставници на српското граѓанско општество, посочувајќи дека кога станува збор за протестите и барањата од нив, тоа е прашање за кој е потребен инклузивен дијалог меѓу властите и демонстрантите.
- Видовме тензиите и ги повикуваме сите засегнати страни да се воздржат од поттикнување и ескалација на понатамошни тензии меѓу различните делови на општеството. Дијалогот треба да се одвива на национално ниво, додаде Мерсие.
Во врска со исплатата на средствата за предфинансирање од Планот за раст за Западниот Балкан, Мерсие посочи дека кога станува збор за Србија и за Косово, еден од предусловите е и одржување на конструктивниот дијалог за нормализација односите меѓу нив.
- Можам да потврдам дека во оваа фаза нема предфинансирање за Косово и Србија. Префинансирањето минатата недела беше извршено за Северна Македонија и Албанија, а процесот за Косово и Србија е во тек, истакна Мерсие.
Во однос на најавата на Вучиќ по средбата со Кошта и Фон дер Лајен дека проектот за ископ на литиум во „Јадар“ ќе биде за вклучен на листата на стратешки проект на ЕУ во рок од „седум или осум дена“, Мерсие потсети дека неделава Европската комисија објави листа на стратешки проекти поврзани со критичните суровини во рамките на ЕУ, додавајќи дека одлуката за листа на проекти во земји што не се членки на блокот ќе биде донесена во следниве недели и засега не може да даде одговор дали на неа ќе се најде и проектот за кој говори српскиот претседател.
Мерсие додаде дека ЕУ и Србија лани во јули потпишаа договор за стратешко партнерство за одржливи суровини, кое партнерство се очекува да ги поттикне економскиот развој и зелена дигитална транзиција и да создаде нови можности за работни места, како и да ја зајакне интеграцијата на земјата со Унијата уште пред зачленувањето.
Портпаролката на ЕК за конкуренција, внатрешен пазар и индустриска стратегија Леа Зубер, пак, се наврати на критериумите што еден проект во земја што не е членка на ЕУ треба да ги исполнува за да биде оквалификуван како стратешки, нагласувајќи дека тој треба да придонесува за зајакнување на европската безбедност во снабдувањето со стратешки суровини, да биде технички изводлив во пристојна временска рамка и во взаемна корист и за Унијата и за земјата каде што тој треба да се реализира, како и да ги исполнува нормите за социјална и еколошка одржливост.
- Важно е и какво е мислењето на граѓаните за овој проект, како и со него да се согласи државата домаќин. Така што ние како Комисија не можеме да избереме проект, се додека не добиеме согласност од третата земја каде што треба да се реализира проектот, додаде Зубер, во однос на забелешките на граѓанските организации за штетите по животната средина од проектот „Јадар“. сп/
Фото: МИА Архива