Европските лидери одново не постигнаа консензус за заклучоците на Украина
- Во официјално објавениот усогласен текст на заклучоците се посочува дека лидерите на ЕУ имале размена на мислења со украинскиот претседател Володимир Зеленски, разговарале за последните случувања во врска со Украина и одново ќе се навратат на ова прашањето на следниот состанок.

Брисел, 20 март 2025 (МИА) – Шефовите на држави или влади на членките на ЕУ на денешниот Самит во Брисел одново не успеаја да постигнат консензус околу предлог заклучоците за Украина.
Во официјално објавениот усогласен текст на заклучоците се посочува дека лидерите на ЕУ имале размена на мислења со украинскиот претседател Володимир Зеленски, разговарале за последните случувања во врска со Украина и одново ќе се навратат на ова прашањето на следниот состанок.
- Текстот наведен во овој документ како ЕУЦО 11/25 беше цврсто поддржан од 26 шефови на држави или влади, се додава во заклучоците, во чии прилог е и „текстот ЕУЦО 11/25“, односно предложените заклучоци за кои не е постигнат консензус.
Со ова се повтори случајот од специјалниот Европски совет, одржан на 3 март, кога лидерите исто така не постигнаа консензус за предлог-заклучоците, откако со нив не се согласи унгарскиот премиер Виктор Орбан.
Според дипломатски извори, и овој пат „Орбан одбил да го поддржи текстот“. сп/
Фото: МИА Архива