• сабота, 28 декември 2024

„Европскиот фронт“ бара оставка од Гаши во врска со статусот на албанскиот јазик

„Европскиот фронт“ бара оставка од Гаши во врска со статусот на албанскиот јазик

Скопје, 27 декември 2024 (МИА) - Пратеничката група на Европскиот фронт предводена од ДУИ денеска побара итна оставка од претседателот на Собранието Африм Гаши откако тој во интервју зателевизија „Алсат“ изјави дека македонскиот јазик е единствениот официјален јазик во државата, а албанскиот јазик е преведен јазик. 

- „Европскиот фронт“ изразува длабок револт и огорченост поради срамните и неодговорни изјави на претседателот на Собранието, Африм Гаши, во врска со статусот на албанскиот јазик во Република Северна Македонија. Неговото тврдење дека единствениот службен јазик во земјата е македонскиот, а дека албанскиот јазик е „преведен јазик“, претставува не само отворена лага, туку и тежок чин на предавство кон албанскиот народ, нашата историја и нашите тешко стекнати права. Шокантно е, но не и изненадувачки, што г. Гаши – личност избрана за да служи како марионета во највисоката хиерархија на државата – може да падне толку ниско, достигнувајќи ниво на самопонижување кое дури и најжестоките анти-Албанци не би се осмелиле да го допрат. Бараме негова итна оставка од функцијата претседател на Собранието. Тој ќе остане срам за нашиот народ, за нашата историја, изјави денеска пратеничката на „Европскиот фронт“, Арбана Пашоли. 

Како што посочи таа, ова покажува не само недостиг на интегритет на Гаши, туку и подготвеност за поткопување на уставните принципи на државата само за да ја зачува својата позиција. 

- Да го потсетиме г. Гаши за некои непобитни факти: Амандманот V од Уставот јасно го дефинира албанскиот јазик како службен јазик покрај македонскиот. Законот за употреба на јазиците понатаму го консолидира користењето на албанскиот јазик како службен во сите сфери на јавниот живот. Во пракса, албанскиот јазик е составен дел од институционалната, културната и општествената структура на нашата земја – реалност која не може да биде избришана со ниту еден чин на сервилност. Со негирање на овие вистини, Африм Гаши не само што го навредува албанскиот народ, туку ја делегитимира и функцијата кој ја има. Како претседател на Собранието, неговата должност е да го брани Уставот, да ја зачува меѓуетничката хармонија и да дејствува во интерес на сите граѓани – а не да предизвикува поделби, да сее раздор и да го намалува достоинството на втората најголема етничка заедница во земјата, рече таа. 

 Според пратеничката Пашоли, Гаши не претставува никого освен себеси и тесните интереси на оние кои го поставиле на оваа позиција.

- Зборовите на Африм Гаши звучат како реторика на оние кои историски настојувале да ги маргинализираат Албанците, да го избришат нашиот идентитет и да ги потценат нашите придонеси во ова општество. Неговите постапки ги предаваат жртвите на генерациите Албанци кои се бореле за еднаквост, претставеност и почит во оваа држава. Африм Гаши не претставува никого освен себеси и тесните интереси на оние кои го поставиле на оваа позиција. Тој не е глас на албанскиот народ и не ги отелотворува нашите вредности, гордост или аспирации. Африм Гаши ја премина границата која ниту еден Албанец не ја преминал. Историјата ќе го памети ова предавство, а албанскиот народ нема да го прости, нагласи пратеничката Пашоли. фф/бак/

Фото: МИА

Остани поврзан