• понеделник, 22 јули 2024

Европол: Расте бројот на малолетници меѓу сторителите на кибер криминал 

Европол: Расте бројот на малолетници меѓу сторителите на кибер криминал 

Брисел, 22 јули 2024 (МИА) - Милиони жртви ширум ЕУ во текот на 2023 година на дневна основа беа цел на напади и искористувања во интернет просторот, при што во многу случаи сторители на овие кривични дел се малолетници, се наведува новиот извештај на Европол насловен „Проценка на заканите од интернет организиран криминал“ објавен денеска. 

Во ова 10-тото издание ваквиот тип извештај се прави длабинска проценка на клучните случувања, промени и новите закани во компјутерскиот криминал во текот на минатата година, при што се нагласува тенденцијата на фрагментација и мултиплицирање на пејзажот на кибер криминалот. 

Во документот се посочува дека лани цел на хакерски напади со цел барање откуп за отстранување на штетните софтвери се повеќе станувале малите и средни бизниси поради нивната послаба кибер одбрана, дека се бележи раст на нападите врз е-трговците и банкарските институции се претпочитани цели на нападите за дигитално прелистување, дека приватни корисници натаму се жртви на кампањи на измами, како и дека се зголемува бројот на случаи на онлајн сексуална изнуда од малолетници. 

Покрај релевантните криминални трендови, како што се кибер-нападите, сексуална експлоатација на деца и шеми за измами преку интернет, во Извештајот се наведени и прогнози за тоа што може да се очекува во блиска иднина, особено во врска со новите технологии, платежните системи, вештачката интелигенција, криптовалутите и недозволената содржина на интернет. 

- Неодамнешните операции за спроведување на законот ги поттикнаа групите за „откупни софтвери“ да се разделат и ребрендираат под различни маски. Понатаму, континуираното отстранување на форуми и пазари на т.н. „дарк веб“ го скрати животниот циклус на криминалните интернет страници. Оваа нестабилност, во комбинација со напливот на постоечки измами, придонесе за фрагментација и умножување на кибер заканите, се наведува во извештајот. 

Европол почосчува дека се почести се изнудувањата, бидејќи украдените податоци се изложени на ризик да бидат објавени и понудени на аукција, што создава опасност од виктимизација на жртвите на кибер заканите.  

- Се чини дека во многу случаи прекршителите се малолетници, а некои почнаа да користат вештачка интелигенција, која веќе станува компонента во нивната опрема. Употребата на криптовалути во поширок спектар на области на криминал, исто така, стана позабележителна, се додава во извештајот. 

Во документот се посочува дека користењето на вештачката интелигенција во кибер криминалот е во почетна фаза, особено во однос на сексуална злоупотреба на деца и во следниот период треба внимателно да се следат овие трендови.  

Според Европол, случаите на објавување материјали со сексуална злоупотреба на деца со помош на вештачка интелигенција ќе претставуваат растечки предизвици, не само во однос на нивниот обемот, туку и во однос на способноста на истражните органи да го идентификуваат вистинскиот идентитет на жртвите и престапниците. 

Дополнително се посочува на можноста за користење на современите технологии за преземање на лични комуникации на корисниците на комуникациските платформи, како и на злоупотреба криптовалути во услови на раст на трговијата со нив. 

Во Извештајот се нагласува и дека за брзо и ефикасно справување со главните закани во интернет просторот, потребно е на органите за спроведување на законот да им се обезбедат соодветно знаење, алатки и законодавство. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан