Европарламентот бара поголема улога на ЕУ во спортот
- Зајакнување на врските помеѓу елитниот и аматерскиот спорт, зголемување на средствата за финансирање на спортските активности на локално ниво и справување со предизвиците од растечката комерцијализација и странските инвестиции во спортот во Европа, се дел од барањата наведени во Резолуцијата на Комитетот за култура и образование на Европскиот парламент.
Брисел, 16 јули 2025 (МИА) - Зајакнување на врските помеѓу елитниот и аматерскиот спорт, зголемување на средствата за финансирање на спортските активности на локално ниво и справување со предизвиците од растечката комерцијализација и странските инвестиции во спортот во Европа, се дел од барањата наведени во Резолуцијата на Комитетот за култура и образование на Европскиот парламент.
Во Резолуцијата, усвоена со 25 гласа „за“, четири „против“ и ниту еден воздржан, се бара од Европската комисија да подготви долгорочна стратегија за промовирање на спортот, која ќе поддржи спортски и физички активности засновани на вредности, како што се праведност, солидарност, еднаквост, инклузивност, интегритет, заслуги и конкурентност.
Така, европратениците бараат зајакнување на врските помеѓу елитниот и аматерскиот спорт преку создавање поефикасен механизам за финансиска поддршка на младинските спортски клубови кои тренираат играчи кои прераснуваат во професионални натпреварувачи. Дополнително се бара изнаоѓање начини за стимулирање на волонтерството во спортот и за поголема соработка на граѓанскиот сектор со спортските клубови и здруженија.
Во документот се повикува и на значително зголемување на средствата за поддршка на спортот и физичките активности во рамките на програмата Еразмус+ за периодот 2028-2034 година, со цел да се намали се поголемиот финансиски јаз меѓу професионалниот и аматерскиот спорт.
Европратениците ги повикуваат институциите на ЕУ да ги промовираат основните права на спортистите, како што се социјалната заштита, слободата на здружување, колективното договарање, пристојните услови за работа и отсуството поради бременост и мајчинство.
Во Резолуцијата се бара од Комисијата „да ги следи и да се справи со заканите за европскиот спортски модел“, како што се натпревари што го загрозуваат целокупниот спортски систем, како и да обезбеди достигнувањата во националните лиги да бидат единствениот начин за одредување на промоцијата, испаѓањето и квалификациите за европските натпреварувања.
Во услови на зголемени странски инвестиции и сопственост во европскиот спорт, европратениците бараат од Комисијата да се обиде „да го одржи финансискиот интегритет и конкурентската рамнотежа“ во спортскиот сектор во ЕУ.
Според известувачот за Резолуцијата, полскиот европратеник Богдан Анджеј Здројевски, овој документ претставува повик за акција.
- Тој ја нагласува итната потреба за заштита и зајакнување на европскиот спортски модел и за проширување на улогата на ЕУ во обезбедувањето спортот да остане верен на своите основни вредности и на теренот и надвор од него, изјави Здројевски.
Според него, Резолуцијата доаѓа во клучен момент, кога Европската комисија се подготвува да изработи долгорочна стратегија за европската спортска политика за следната година. сп/са/
Фото: МИА Архива