• среда, 25 декември 2024

Евробарометар: Европејците веруваат во позитивното влијание на науката

Евробарометар: Европејците веруваат во позитивното влијание на науката

Брисел, 23 септември 2021 (МИА) – Осумдесет и шест отсто од Европејците рекле дека веруваат во позитивното влијание на науката и технологијата за подобрување на општеството и на секојдневниот живот, покажуваат резултатите од последниот Евробарометар.

Граѓаните на ЕУ очекуваат од технологијата да помогне во здравството, заштитата на климата и на животната средина во наредните дваесет години, јави дописничката на МИА од Брисел.

Најголема поддршка даваат на соларната енергија, вакцините и вештачката интелигенција.

Осумдесет  и два отсто изјавиле дека имаат изразен интерес за науката и технологијата и сакаат да научат повеќе за нив. Бројката е во подем во споредба со претходните десет години.

Еврокомесарката за иновација, Марија Габриел го поздрави фактот што европските граѓани имаат позитивен однос кон науката, но истакна дека е важно властите да внимаваат бенефитите од технологијата еднакво да бидат распределени и да се има на ум родовата димензија.

Во овој дел истражувањето покажува дека мнозинство Европејци, 57 отсто, сметаат дека науката најмногу работи во полза на оние кои имаат висок стандард на живеење.

Граѓаните во Европа сакаат научниците повеќе да бидат присутни и да учествуваат во политичките дебати, тие сметаат дека политичките одлуки треба да се носат врз основа на научни докази.

Најчест извор на информации за науката и технологијата за Европејците е телевизијата, потоа социјалните мрежи, а на последно место печатените медиуми.

Шеесет и еден отсто од граѓаните на ЕУ сметаат дека вклучувањето на лица кои не се научници во науката ќе помогне таа да одговори на потребите на општеството. тм/паг/

Остани поврзан