• понеделник, 23 декември 2024

ЕБОР, ЕУ и Јапонија ги поддржуваат инвестициите во енергетска ефикасност во Северна Македонија

ЕБОР, ЕУ и Јапонија ги поддржуваат инвестициите во енергетска ефикасност во Северна Македонија

Скопје, 23 јули 2024 (МИА) - Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) одобри кредит на Комерцијална Банка АД Скопје во Северна Македонија наменет за зелено финансирање. Кредитот на ЕБОР, во износ од 3,5 милиони евра под Програмата за финансирање на зелена економија (Green Economy Financing Facility-GEFF) ќе поддржи инвестиции од енергетската ефикасност на домаќинствата, колективното домување, производители на производи за зелена енергија и ентитети кои даваат услуги во секторот на зелената енергија. Проектот е ко-финансиран од Европската Унија и Јапонија.

Како што соопштија од ЕБОР, Договорот за кредит е потпишан од Одил Рено-Басо, претседателка на ЕБОР, и Маја Стевкова Штериева, главен финансов директор на Комерцијална Банка АД Скопје, заедно со член на Бордот на директори.

-Горди сме што ја продолжуваме поддршката на Северна Македонија во транзицијата на зелена енергија, преку финансирање на енергетски-ефикасни надградби на станбените згради, кои се најголеми консументи на енергија во земјата. Покрај тоа што овој проект придонесува кон зелена и одржлива иднина на Северна Македонија, истиот обезбедува директни бенефити за граѓаните. Со намалување на сметките за енергија и обезбедување  на покомфорни домови, инвестициите значително го подобруваат квалитетот на живеење, изјави Рено-Басо.

Стевкова Штериева изрази задоволство што Комерцијална Банка повторно придонесува во успешната имплементација на ГЕФФ програмата во нашата земја.

-Оваа поддршка на зелени кредити е мошне значајна, бидејќи ги прави домаќинствата со економски ефикасни капацитети и го подобрува квалитетот на живеење. Горди сме што оваа нова понуда на кредити за енергетска ефикасност на домовите, ќе помогне во намалување на товарот врз семејните буџети, придонесувајќи кон напорите за справување со предизвиците од климатските промени, и помагајќи во создавање на поздрава и почиста околина, рече Стевкова Штериева.

Овој кредит на Комерцијалана банка АД Скопје, одобрен под ГЕФФ Програмата ќе поддржи зелени технологии со високи перформанси, како и материјали и решенија за домување и згради во приватна сопственост. Инвестициите во опрема која заштедува енергија, како што е изолација, прозорци, топлотни пумпи и соларни панели, ќе ги намалат емисиите на гасови кои предизвикуваат ефект на стаклена градина, ќе се намалат трошоците за енергија и ќе се подобри квалитетот на живот на станарите. Овие мерки ќе помогнат во справување со високите емисии на енергија и интензитет на јаглерод во станбениот и јавниот сектор во Северна Македонија.

Комерцијална Банка АД Скопје ќе добие техничка помош за воспоставување на нов финансиски модел согласно потребите за зелени кредити во станбениот сектор. Ќе биде понудена поддршка на повеќе ентитети, како што се градежните компании и продавачи/производители на зелени технологии, со цел да се зајакне зелената транзиција во целиот станбени сектор.

Со кредитот ќе се олесни пристапот кон зелената економска транзиција на Банката, а истиот е поддржан од Јапонија-Фонд за соработка на ЕБОР и ЕУ преку Инвестициската рамка за Западен Балкан (Western Balkans Investment Framework-WBIF) .

ГЕФФ Програмата на ЕБОР до сега има помогнато во подобрување на енергетската ефикасност во над 18.000 домаќинства во регионот на Западен Балкан. Програмата е поддржана од ЕУ преку Инвестициската рамка за Западен Балкан, како дел од Регионалната програма за енергетска ефикасност (Regional Energy Efficiency Programme), како и од билатералните донатори.

Комерцијална Банка АД Скопје, како што се посочува, е најголемата комерцијална банка во Северна Македонија, со пазарен удел од 22,2 отсто во однос на вкупните средства. Банката која има најголема мрежа на експозитури во земјата, нуди целосен спектар на комерцијални банкарски услуги за поединци и компании во Северна Македонија.

ЕБОР е најголем институционален инвеститор во Северна Македонија и досега има инвестирано над 2.9 милијарди евра во 190 проекти во земјата. Порано денеска во Владата  меѓу Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и македонскиот оператор за електропреносен систем АД МЕПСО, потпишан е договор за заем од 26,4 милиони евра наменети за зајакнување на преносната мрежа. вг/нд/

Фото: ЕБОР

Остани поврзан