• вторник, 24 декември 2024

Дуда тврди дека Русија префрла нуклеарно оружје во Белорусија

Дуда тврди дека Русија префрла нуклеарно оружје во Белорусија

Варшава, 22 август 2023 (МИА) - Полскиот претседател Анджеј Дуда денеска изјави дека Русија веќе е во процес на пренесување на нуклеарното оружје со краток дострел во соседна Белорусија.

И рускиот претседател Владимир Путин и неговиот белоруски колега Александар Лукашенко минатиот месец изјавија дека Москва веќе и испорачала дел од своето тактичко нуклеарно оружје на Белорусија, откако во март ги објавија своите планови.

САД и НАТО тогаш не го потврдија потегот.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, ја осуди реториката на Москва како „опасна и непромислена“, но во јули кажа дека Алијансата не забележала никаква промена во нуклеарниот став на Русија.

Тактичкото нуклеарно оружје е наменето за употреба на бојното поле и има краток дострел во споредба со многу помоќните нуклеарни боеви глави поставени на проектили со долг дострел. Русија соопшти дека ќе ја задржи контролата врз нуклеарното оружје што го испраќа во Белорусија.

Лукашенко кажа дека распоредувањето на руското нуклеарно оружје во неговата земја има за цел да ја одврати агресијата од Полска, членката на НАТО, иако Варшава не упати никакви закани. Полска и дава на соседна Украина воена, хуманитарна и политичка поддршка во нејзината борба против руската инвазија и учествува во меѓународните санкции против Русија и Белорусија.

Полскиот претседател ја коментираше оваа ситуација на заедничката прес-конференција со португалскиот претседател Марсело Ребело де Соуза.

Дуда не наведе детали, но рече дека тоа „очигледно ја менува архитектурата на безбедноста во нашиот дел од Европа. Ја менува архитектурата на безбедноста во нашето непосредно соседство, но и во источното крило на НАТО“. сд/

Остани поврзан