Државјани од Србија и неколкумина македонски државјани, кои беа евакуирани од Израел, пристигнаа во Белград
- Државјани на Србија и неколкумина од Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и од Хрватска, кои беа евакуирани од Израел, околу два часот по полноќ пристигнаа во Белград со специјален лет на „Ер Србија“ од Шарм ел-Шеик, организиран од владата на Србија и од Министерството за надворешни работи.
Белград, 4 март 2026 (МИА) - Државјани на Србија и неколкумина од Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и од Хрватска, кои беа евакуирани од Израел, околу два часот по полноќ пристигнаа во Белград со специјален лет на „Ер Србија“ од Шарм ел-Шеик, организиран од владата на Србија и ос Министерството за надворешни работи.
Специјалниот лет, кој тргна од Белград вчера околу 17 часот, пристигна во Шарм ел-Шеик околу 21 часот по локално време и се врати со 67 граѓани на Србија евакуирани од Израел, меѓу кои и мали деца, јави РТС. Првично беше организирано преминување по копно на египетската граница, односно превоз до аеродромот во египетско одморалиште.

Државниот секретар во Министерството за надворешни работи, Дамјан Јовиќ, кој беше испратен во Египет за координирање на акцијата, вели оти покрај фактот дека станува збор за хуманитарно прашање, тоа е и пораката што Република Србија сака да ја испрати дека „сакаме најдобри и најблиски односи исполнети со солидарност со нашите соседни земји - Црна Гора, Северна Македонија, Босна и Херцеговина“.
Првиот авион од Дубаи со српски државјани слета во Белград вчера.
Во согласност со последните податоци од македонското МНРиНТ, од почетокот на конфликтот до денес вкупно 473 македонски државјани стапиле во контакт со нашите дипломатско-конзуларни претставништва во Тел Авив, Доха и Абу Даби.
- Од нив, 19 лица се пријавени од Израел, 106 од Катар, а 348 граѓани се обратиле до дипломатско-конзуларното претставништво во Абу Даби. Во оваа бројка се вклучени и 18 лица од Кувајт, како и 12 лица од Бахреин - информира МНРиНТ. зш/вг/
Фото МНР/Србија