• сабота, 13 декември 2025

ДОМ ги отвори новите простории на општинскиот огранок во Охрид

ДОМ ги отвори новите простории на општинскиот огранок во Охрид

Скопје, 29 јуни 2025

Демократска обнова на Македонија (ДОМ) ги отвори новите простории на општинскиот огранок во Охрид, како дел од стратегијата за теренско ширење, вмрежување со активни граѓани/ки и подготовка за самостоен настап на претстојните локални избори.

На чело на охридската организација застана Никола Киселинов, долгогодишен граѓански еко-активист и препознатлив борец за јавниот интерес. Со неговото приклучување во ДОМ, партијата испраќа јасна порака дека  политиката мора да се отвори кон луѓето што со години практикуваат локални еко-акции, иницијативи и градат свој личен пример за граѓански активизам. На овој начин ДОМ јасно го потврдува својот инклузивен пристап за граѓани/ки со капацитет, идеја и кредибилитет, кои сакаат да придонесат за унапредување на квалитетот на животот во својата општина.

На отворањето присуствуваа и ко-претседателите на ДОМ, д-р Ана Угринска, Александар Анѓушев и Дане Милошевски, кои ја нагласија важноста на градењето функционални локални структури како предуслов за современа, зелена и демократска локална политика. Тие истакнаа дека „ДОМ е првата политичка партија која, во време кога здружените партии и од власта и од опозицијата воведоа високи прагови за кандидирање на независните советнички листи, несебично донесе одлука да ги отвори своите врати за сите оние кои сакаат политички да делуваат на локално ниво. Нашата поддршка е безусловна, со верба во функционалната демократија и еколошки здрава животна средина!“

ДОМ ја проширува својата мрежа на локални сојузници во борбата за здрава животна средина, фер општество и транспарентна локална власт. Човек по човек, се гради основата на Коалицијата за зелена иднина, политичка понуда отворена за сите што сакаат да бидат дел од граѓанска платформа изградена на темелите на еднаквоста, солидарноста, правичноста и еко-патриотизмот.

ДОМ останува отворен за секоја иницијатива што произлегува од локалните заедници и секој поединец што сака да дејствува за општото добро. Зелената иднина не се чека, таа се гради заеднички.

ДОМ

_________________________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Фото: ДОМ

Остани поврзан