• сабота, 21 декември 2024

Договорот за Фронтекс потпишан на македонски јазик и поддршката за справување со енергетската криза е доказ за силното партнерство на Северна Македонија и ЕУ

Договорот за Фронтекс потпишан на македонски јазик и поддршката за справување со енергетската криза е доказ за силното партнерство на Северна Македонија и ЕУ
Скопје, 26 октомври 2022 Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски заедно со владина делегација денеска ја пречека делегацијата предводена од претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. Премиерот Ковачевски ја пречека претседателката Фон дер Лајен на платото пред Владата, од каде се упатија на тет а тет и билатерална средба на двете делегации. Веднаш после средбите, делегациите се упатија кон Европска куќа, каде амбасадорот Гир презентираше изложба и кусо видео на која беа прикажани досегашните проекти кои Европската Унија ги има инвестирано во Северна Македонија во областа на енергетиката. После презентацијата тие се упатија кон салата за заедничка прес-конференција. Ви ја пренесуваме изјавата на премиерот Ковачевски во целост: „Драго ми е што денеска сум со претседателката Фон дер Лајен и што можеме да разговараме за иднината и за можностите кои што се пред нас. Денес е голем ден за Северна Македонија и за македонскиот народ. Денес, го потпишавме договорот ФРОНТЕКС, на македонски јазик, без фусноти, без ѕвездички и без додавки.  Без нејасни формулации. Чист македонски јазик. Европската Унија и во јули, но и изминатиов период, а и денес ни докажува дека е веродостоен партнер преку испорачување на ветеното. Пред самото започнување на првата меѓувладина конференција на 19 јули оваа година, претседателката Фон Дер Лајен на прес-конференцијата кажа, драг Димитар ти ветувам дека договорот ФРОНТЕКС ќе биде потпишан со Северна Македонија на чист македонски јазик. Јас пред таа прес-конференција тоа го ветив на македонските граѓани, таа го исполни своето ветување, јас го исполнив моето ветување. Денешното потпишување на договорот ФРОНТЕКС кој е првиот официјален Договор потпишан помеѓу Северна Македонија и Европската Унија после започнувањето на преговорите е правиот и првиот пример за тоа. Овој договор, го потпишавме на македонски јазик, нема какви било додавки, нема никакви ѕвездички. Тоа е првиот договор кој Северна Македонија го потпишува со Европската Унија на кој стои чист македонски јазик заедно со сите други јазици во ЕУ. Тоа е ветувањето кое јас го дадов и тоа е ветувањето кое го исполнив. Со овој Договор ќе можеме заеднички да се справуваме со нелегалната миграција и заеднички да одговориме на предизвиците, но овој пат тоа ќе го правиме од нашата територија заедно со силите на Фронтекс. Со денешниот чин, на дело се покажа и деструктивноста на сите кои со мегафони пред оваа зграда бескрупулозно лажеа дека ова никогаш нема да се случи, и дека македонскиот јазик секогаш ќе биде со некаква фуснота или додавка. Пропаднаа лагите, а граѓаните денеска по не знам кој пат увидоа кој е веродостоен партнер кој ќе ги изнесе на европски пат, а кој се користи со лаги и манипулации за да всее страв и несигурност, да ја поткопа довербата во институциите и вербата во Европа. Денес јасно и гласно, во официјални изјави, на сите европски лидери, на претставници на меѓународната заедница, прецизно се употребува терминот „македонски јазик“. Тоа го потврди и претседателката Фон Дер Лајен. Целото законодавство се преведува на македонски јазик. Македонскиот јазик е рамноправно застапен, заедно со сите други европски јазици, во Европската Унија. Со потпишувањето на овој документ се издигнува на врвно рамниште статусот на службената употреба на македонскиот стандарден јазик. Овој чин нѐ прави горди сите нас, граѓаните на Република Северна Македонија, а особено нас македонците, бидејќи на овој начин ја заокружуваме акцијата на нашите претходници за еманципација на македонскиот јазик и македонската култура на европско рамниште. Ако „јазикот е нашата татковина“, а македонскиот јазик е признаен на рамноправна основа меѓу европските јазици, за што прв доказ е договорот ФРОНТЕКС, а и целокупното европско законодавство како што кажав, се подготвува да се преведе и на македонски јазик – тогаш по членството во НАТО, со што ги осигуравме територијалните граници на нашата татковина, ова е конкретното признание на македонскот јазик што го очекувавме - и осигуравме, со почетокот на преговорите со ЕУ. Со државничките одлуки што ги носевме и што ги носиме веќе пета година по ред, и еве и денес, потврдивме и осигуравме и европско и светско признание на македонскиот јазик и македонскиот идентитет! И јас сум убеден дека Конески денес би се чувствувал подеднакво горд во постигнувањето на заштитата на нашата јазична средина - на нашата татковина, како што тој би рекол. Денес, кога ги имаме заштитено најважните идентитетски прашања за мене и мојот народ, можеме спокојно да разговараме за она што следи пред нас. Почитувани, Северна Македонија направи многу одлучни чекори кон ЕУ, а ние како Влада донесовме тешки, но храбри, државнички и визионерски одлуки за државата. Не беше воопшто лесно, тоа се тешки одлуки кои и за мене, и за Владата, и за граѓаните беа сериозен компромис, но на крајот на денот таа одлука мораше некој да ја донесе бидејќи нема ништо поважно од иднината на нашите деца и европската иднина на државата. По 17 години чекање почнавме преговори кои значат европска иднина за граѓаните со економски напредок, социјална правда и владеење на демократијата. И тоа е според мене, најпатриотското нешто кое еден државник денес може да го направи. А да се стигне до овој статус не беше лесно. Јас лично учествував во преговорите кои ни овозможија почеток на преговорите со ЕУ и ви тврдам дека не сум имал помачно искуство во животот. Тие преговори беа исклучително тешки. Вие пред себе имате членови на ЕУ во кој сакате да влезете и со кои треба и да покажете дипломатија, но и да ги задржите вашите позиции. И тоа е тешко и во секој случај не е лесно. И за граѓаните и за мене. Некој ако мислел дека мене ми е лесно, погрешил. И јас сум човек, граѓанин на како секој друг граѓанин на оваа држава. Нормално е дека се чувствувавме така сите вклучително и јас. Но, на крајот на денот некој мораше да донесе одлука. Таа е одлука за иднината на оваа и иднината на генерации на нашите деца кои што доаѓаат. Избраниот концепт каде со крената глава како Македонци, со заштитен македонски јазик ги отпочнуваме преговорите со ЕУ, беше прашање на храброст. Кога сте на мојата позиција, кога сте премиер, ваша обврска е да не мислите само на себе, туку да мислите на сите освен на себе. Колку и да беше мачно тоа чувство, седејќи на големата маса во Брисел, со сите големи земји и наши пријатели, сфаќате каде всушност ние припаѓаме. Ние припаѓаме во ЕУ. Тоа нема алтернатива, ниту пак некој во оваа држава до сега за 31 година понудил алтернатива на членството во ЕУ. Јас апсолутно знам дека на тој пат нема да биде лесно, на него ќе има пречки, ќе има предизвици и сите заедно мора да се справиме со нив. Но, на крајот на тој пат е големата награда, а тоа е членството во ЕУ, цел којашто пред 31 година сите граѓани на оваа држава им ја оставија како аманет на сите Влади коишто ја водеа државата затоа што кога ќе биде остварена таа цел граѓаните на нашта држава ќе живеат во европска држава, ќе бидат горди и ќе бидат побогати, така како што сакаат да бидат и сега, но тогаш нема да ја напуштаат својата земја и да одат во државите на ЕУ, туку ќе живеат во земја на ЕУ тука, дома во Северна Македонија. Со одржувањето на првата меѓувладина конференција во јули оваа година направивме историски чекор и ја официјализиравме нашата определба за членство во Унијата. Со заштитен македонски јазик, без историски прашања во преговарачката рамка, со заштитен македонски идентитет неоспоруван во ЕУ. Почитувани, Имаме тешка задача пред нас, но амбициозно ги поставуваме целите и одиме со забрзан чекор по европскиот пат. Како Влада ја демонстрираме политичката волја за продолжување на реформите работејќи посветно за билатералниот скрининг кој започнува веќе следниот месец. Скринингот кој веќе тече, ќе ги забрза реформите, а на долг рок ќе ги европеизира институциите, што е директна придобивка за граѓаните. Нашите граѓани живеат со идејата за Европската Унија веќе 31 година, и нема никој што е посвесен дека процесот на европеизација не се само закони и документи, туку промена на начинот на кој размислуваме за општеството и процесите, но и начинот на кој се владее правото и се подобрува квалитетот на животот за сите во државата. Затоа сум спокоен дека ја имаме и поддршката од граѓаните, од граѓанските организации, од медиумите, од деловната заедницата за процесот на преговорите со Европската Унија. Нема човек во земјава што не сака земјава да има западен економски стандард и европски институции за подобар сервис кон граѓаните. Сите засегнати страни, а особено академската заедница и експертите од граѓанскиот сектор знаат дека во Владата има ширум отворени врати за партнерски пристап во преговорите, и точно знаат немаме намера преговорите да ги водиме сами. Ќе го правиме тоа заедно, сплотени, државнички со сите страни во државата. Направивме европска и функционална преговарачката структура, која ќе може во брз рок да даде резултати имајќи предвид дека скринингот ќе биде интензивен. Со добра подготвеност за брзо и успешно да го завршиме скринингот, верувам и очекувам дека тоа ќе се случи за 14 месеци. Се бара силен ангажман од сите, бидејќи ова не е задача на една Влада или партија, ова е задача на сите чинители во државата. Затоа уште еднаш ја повикувам опозицијата во Собранието да се обединиме заради иднината на оваа држава. Тоа се однесува на преговорите со Европската Унија, но и на уставните измени кои нè очекуваат веднаш штом завршиме со процесот на скринингот. За жал, се однесува и на сегашното однесување на опозицијата. Ние не смееме повеќе да си дозволиме Извештај на Европската комисија да нотира дека опозиција блокира европски реформи во Собранието. Не смееме повеќе да си дозволиме позицијата да работи забрзано кон ЕУ, а опозицијата да биде сидро на деструкција и спротивен правец. Опозицијата им должи на граѓаните да ги одблокира и да сработи на реформите кои ќе ни ги забрзаат преговорите со ЕУ, за побрзо да станеме полноправна членка. Навистина би било страшно доколку се блокира патот кон ЕУ поради политички игри. Искрено се надевам дека ќе сме обединети за иднината на нашата земја и нашите граѓани. Европската Унија значи повеќе инвестиции, повеќе работни места, подобро платени работни места. Не работиме така напорно за членство во ЕУ само за да кажеме дека сме членка на ЕУ. Работиме на полноправото членство затоа што ќе направиме подобра земја за живеење во процесот. Не постои друга алтернатива за нас освен ЕУ и ако опозицијата тоа не го разбира, тогаш тие буквално си играат со иднината на Северна Македонија. Обединетоста мора да ја имаме внатре во државата, за да можеме да ја применуваме и надвор од неа. Ние, сите заедно, и во Евроспската Унија и надовор од неа, имаме сериозни предизвици со кои се соочуваме и без сплотеност тешко ќе ги надминеме. Во Украина сè уште има војна која секој ден носи човечки животи, на најбруталниот начин кој последно сме го виделе на континентов во 90-те на Балканот или за време на Втората светска војна. Како и секоја војна, и оваа носи рушевини, сиромаштија, глад. Северна Македонија стои и ќе продолжи да стои во поддршка на Украина. Војната во Украина поттикна и неверојатна солидарност и сплотеност на Европскиот континент каква што одамна немаме сведочено. Не само на сите европски земји кон Украина, туку и на сите европски земји меѓусебно во справување со последиците кои војната во Украина ги предизвика врз Европа и светот генерално. Енергетската криза ја обедини Европа надвор од границите на Унијата. Еднаш веќе пред лидерите на европските земји во Прага реков, но ќе го повторувам ова се до денот додека не излеземе од оваа криза енергетски независни, а тоа е дека само обединети може да се справиме со предизвиците на недостиг на енергенси и храна. И на ниеден друг начин. И убеден сум дека ако воената агресија на Русија врз Украина ни ја покажа силата на обединетоста на НАТО Алијансата, токму тука сред енергетските и економски последици од војната ќе ја видиме и силата на Европската Унија. Заедничките енергетски проекти како нови извори за снабдување со гас како поеколошки и поевтин енергенс се од суштинско значење за Северна Македонија. Тоа ги вклучува и можностите за поставување како регионален центар за натамошен транзит и дистрибуција на гасот на земјите од регионот кој е еден од најпогодените поради начинот на производство на електрична енергија и економската состојба на земјите поради глобалната инфлација. Ние, сите заедно на Европскиот континент, сме исправени пред предизвик на соочување со најтешката зима после Втората светска војна, и од нашата соработка и зависи како ќе излеземе од истиот. А јас лично сум убеден, дека овој предизвик ќе го искористиме за да ја забрзаме зелената и дигитална транзиција која во иднина ќе не направи посилни, понезависни и пообединети од било кога до сега. Како Влада, секој ден работиме за граѓаните за никој да не биде изоставен или заборавен во справувањето со недостатоците со електрична енергија или храна. Нема да дозволиме ниеден граѓанин сам да се справува и оваа криза ќе ја пребродиме сите заедно на најдобриот можен начин. Највисоката стапка на инфлација во последниве 50 години низ цела Европа, нè обврзува во заеднички пристап кон кризата и со нашите НАТО и ЕУ партнери и со земјите од регионот, за да делуваме одлучно и да преземаме што поефективни мерки за справување со истата. Јас ветив дека ќе направам се и ќе направиме заедно со членовите на Влада сѐ за да обезбедиме доволно греење и храна за да се преброди оваа зима, и тоа секојдневно го покажуваме на дело и преземаме мерки за да го заштитиме животниот стандард на граѓаните но и ликвидноста на компаниите. Како Влада, делувавме брзо и ефективно со првиот сет мерки од 400 милиони евра за ублажување на ценовниот шок и заштита на животниот стандард на граѓаните, а продолжуваме со новиот пакет мерки за справување со енергетската и ценовната криза и тоа најмногу кон најранливите категории граѓани кои се најпогодени во државата. Антикризните мерки во 2022 година досега се 760 милиони евра. Ќе продложиме со антикризната флексибилност и таргетирано реагирање според потребите на граѓаните и компаниите. Сметаме на нашите пријатели од Европската Унија, сметаме на нашите најблиски соседи со кои веќе се договоривме дека ќе настапуваме како едно. Посветени сме во исполнување на нашиот план за обезбедување ресурси и пред сè електрична енергија за семејствата, за училиштата, за болниците, за претпријатијата во државата. Посветени сме и на енергетската транзиција на земјата, затоа што знаеме дека тоа е иднината и за енергетска независност но и за заштита на планетата. И затоа само во мандатот на мојата Влада имаме веќе инсталирано 27 мегавати фотоволтаични централи во државата повеќе отколку за 11 години што беа инсталирани вкупно во државата. Северна Македонија има ресурси, има сонце, вода, почва, сето тоа се ресурси кои може да се искористат за наш развој. Почитувана и Драга претседателке, Сметаме и на вашата поддршка и на вашето лидерство за обединетост во справувањето со енергетската и ценовна криза. Убеден сум дека токму како што Северна Македонија не остава ниеден граѓанин сам да се справува со кризата, Европската Унија не остава ниедна земја во Европа сама да се справува со кризата. Нашата обединетост може само да расне само во случај ако станува поотпорна во справувањето со сите предизвици до завршувањето на војната во Украина и после неа. Изразувам огромна благодарност, во мое лично име и во име на граѓаните, и за поддршката и за помошта што ни ја давате во услови на светска криза. Таа поддршка е одличен стимул за да продолжиме да работиме на обновливите извори на енергија, енергетското поврзување и инфраструктура, се до нашата енергетска независност. Сакам да ви се заблагодарам и за макрофинансиската помош којашто во време на ковид кризата ја обезбедивте за нашата држава, како и за вклучувањето на нашиот министер за економија на сите состаноци коишто се одржуваат на ниво на ЕУ заради полесно справување со енергетската криза. Влада на РСМ ___________________________________________________________ МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан