• сабота, 24 август 2024

ДКСК: Бројни недостатоци во правната и административната рамка што го регулираат изборниот процес

ДКСК: Бројни недостатоци во правната и административната рамка што го регулираат изборниот процес

Скопје, 13 август 2024 (МИА) - Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) во Извештајот за утврдените состојби во финансирањето на Претседателските избори 2024 година констатирала бројни недостатоци во правната и административната рамка што го регулираат изборниот процес и финансирањето на изборните кампањи во државата. И покрај постоењето на законска регулатива, значителни проблеми во имплементацијата создаваат ризик за корупција.

-Ова е особено изразено во несоодветната примена на законските одредби, што води кон зголемен ризик од злоупотреба на средствата. Административните процедури, како што е пријавувањето на донации и трошоци од страна на политичките партии, се оценети како премногу комплексни и неефикасни, што доведува до зголемени административни трошоци и одложувања. Потребна е реформа на овие процеси за постигнување поголема ефикасност и намалување на можностите за корупција, соопштија од ДКСК.

Исто така, Извештајот на ДКСК укажува на потребата од зајакнување на системите за мониторинг и надзор за обезбедување поголема транспарентност и отчетност во финансирањето на изборните кампањи.

Постои и низок степен на реализација на законската обврска за доставување на податоци за службените моторни возила со кои располагаат институциите, односно под 50 проценти. Исто така, констатирано е и отсуство на нормативно решение за санкционирање, со што се намалува можноста за превенција од злоупотреба на службените возила за потребите на изборната кампања.

Како што се укажува во Извештајот, од вкупните извори на финансирање на изборната кампања во износ од 459.815.831 денари, 77 отсто се средства од буџетот на државата, поради што ДКСК укажува на потребата истиот да укине, поради постоење на корупциски ризици и идното влијание на политичките партии врз 29 уредувачката политика на медиумите.

ДКСК истакнува дека Државната изборна комисија има исплатено само 78 проценти од вкупната обврска за платено политичко рекламирање.

Во однос на постапувањето по предмети за овој изборен процес, ДКСК информира дека оформила вкупно 65 предмети, кои се резултат на пријави за сомневање за сторени повреди на Изборниот законик и Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, предмети оформени по сопствена иницијатива, по поднесени пријави, како и приговор поднесен од организатор на изборна кампања.

-Од вкупно донесените одлуки, донесени се 30 одлуки за запирање, 15 одлуки за отфрлање, додека осум предмети се затворени со заклучоци поради идентична или слична содржина. По предметите за претседателските избори, покренавме шест иницијативи за поведување постапка за кривично гонење, како и четири иницијативи пред надлежните органи за поведување на постапка за утврдување на одговорност на службени лица, се вели во извештајот на ДКСК.

Во однос на законската обврска за доставување на извештаи, од ДКСК констатирале дека значително мал број од правните лица кои вршат платено политичко рекламирање имаат доставено извештаи до ДКСК, со што се нарушува принципот на транспарентност на изборната кампања и се намалува доверба во целокупниот изборен процес, за што не се изречени санкции од страна на надлежните институции.

-ДКСК значително придонесува за заштита на законитоста, објективност и транспарентност на изборниот процес преку ефикасно следење и контрола на финансирањето, превентивни активности и управување со пријавите за неправилности. Потребно е да се продолжи со унапредување на механизмите за справување со изборните нерегуларности и да се поттикне јавната свест и учество во откривањето на коруптивни активности, што е клучно за одржување на демократските процеси и доверба на граѓаните во институциите, велат од Антикорупциска.

-Финансиското управување претставува сериозен предизвик, но успехот на ДКСК во борбата против корупцијата и справувањето со неправилностите е видлив и значителен и покрај сите предизвици, се вели во извештајот.

Државната комисија за спречување на корупцијата препорачува воведување нови механизми за следење на приходите и расходите, како и реорганизација на административните процеси за поефикасно управување со ресурсите и намалување на можностите за корупција.

Овој Извештај претставува документ кој дава слика за состојбата на финансирањето на изборните кампањи во Северна Македонија во 2024 година. Преку детално разгледување на приходите, расходите и правната рамка, Извештајот ја нагласува потребата од реформи и подобрувања кои ќе обезбедат фер и транспарентен изборен процес во иднина. бт/ац/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан