• среда, 27 ноември 2024

Директорот на Наполи: Осимен изрази желба да не игра за тимот

Директорот на Наполи: Осимен изрази желба да не игра за тимот

Неапол, 1 септември 2024 (МИА) - Спортскиот директор на Наполи, Џовани Мана, ја коментираше деликатната ситуација на напаѓачот на тимот Виктор Осимен, кој не успеа да најде нов тим и сега е целосно е надвор од сметките на „небесно сините“ за оваа сезона.

Според менаџерот, нигерискиот репрезентативец и самиот посакал да игра во друг тим, што довело до одлуката на клубот да се откаже од неговите услуги.

-Ситуацијата е сосема јасна и ваква е од крајот на минатата сезона. Виктор изрази апсолутна желба да не остане во Наполи и да не игра за тимот, а ние се обидовме да го направиме среќен. Имаше и понуда и побарувачка. Мислевме дека завршивме со преговорите, но на крајот тие пропаднаа. Го купивме Ромелу Лукаку, а ги задржавме и Џакомо Распадори и Џовани Симеоне, кои не ги земаме здраво за готово. Моментално ја задржуваме истата позиција од почетокот: тој изрази желба повеќе да не игра за Наполи, па направивме други избори, изјави Мана.

Додаде дека трансфер пазарот е сè уште отворен и има многу опции, но мисли дека Осимен сè уште нема да замине во Саудиска Арабија.

-Нашите идеи беа јасни од самиот почеток. Чекавме да го продадеме Виктор за да ги финансираме нашите трансфери. Сепак, продажбата никогаш не дојде, па претседателот си зема за право да инвестира. Тој го презеде целиот ризик и беше неверојатно, додаде Мана. дс

Фото: Архива

Остани поврзан