• недела, 09 март 2025

Димитриеска Кочоска: Владата посветено работи за посериозно стабилизирање на цените

Димитриеска Кочоска: Владата посветено работи за посериозно стабилизирање на цените

Скопје, 7 март 2025 (МИА) - Министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска денеска изјави дека Владата посветено работи за посериозно стабилизирање на цените на прехранбените производи во маркетите и најави изработка на една стратегија на среднорочен период која треба да спречи вакви проблеми како сега.

-Како Влада преземавме мерки, но мора да ги појасниме бројките. Минатата година до крајот на февруари важеа мерки на претходната влада, а оваа година од 18 февруари стапија во сила новите мерки, па не ни се соодветни за споредба периодите. Но, сепак како Влада остануваме посветени на изработка на една стратегија или еден правец кој ќе се работи потемелно на среднорочен период да не ни создава проблеми како сега. Да не заборавиме, растот на цените не е резултат само на она што се случува во трговијата, имавме многу пати зголемување на цената на електричната енергија, либерализацијата на пазарот на електрична енегрија направи одредени проблеми. Така што проблемот е многу поголем од она што изгледа, Владата посветено работи, секој министер во својот сегмент за надминување на проблемите кои што останаа од претходниот период. Како ги санираме така и ги објавуваме, податоците одат во добра насока. Верувам за пократко време ќе зборуваме за посериозно стабилизирање на цените, но да не биде со интервенции од Владата, туку природно да дојде како резултат на одредени мерки кои што Владата ги презема, рече министерката за финасии.

Таа потсети дека ДПИ исто така е на терен, и изречени се парични казни кон одредени компании и се затворени 15 дена да не работат, затоа што не ги почитуваа мерките на Владата.

-Правиме се за граѓаните на крајот да можат да ги купат производите по пониски цени во маркетите, рече Димитриеска Кочоска, на прашање дали Владата презема мерки за цените во врска со инфлацијата која за февруари изнесува 5 отсто и се одразува најмногу на прехранбените производи.

Го повтори ставот на Владата во однос на зголемувањето на платите дека тоа прашање останува во доменот на договорот што ќе го постигнат синдикатите и работодавачите.

-Дискусијата е во Социо-економските совет и таму треба да се заврши. Што ќе се договорат и како ќе се договорат, останува на работодавачите и работниците, а ние како Влада и особено како Министерство за финансии ќе го почитуваме тој став или таа одлука што ќе ја донесат, рече Димитриеска Кочоска на новинарско прашање на денешната прес-конференција прашана може ли да се очекува поголемо зголемување на платите од предвидените близу 2000 денари, по најавите од Синдикатите за штрајк за следниот месец доколку не се исполнат нивните барања. 

Минималната плата треба да се зголеми овој месец, но за колку, се уште не е познато. Согласно законот, зголемувањето би требало да биде околу 1.800 денари, а синдикатот бара зголемување за 6.000 денари и придонесите за разликата до 30.000 денари, колку што би изнесувала минималната плата, да ги субвенционира Владата. Од Владата јасно порачаа дека пари во Буџетот за оваа намена не се планирани. 

Одлуката треба да биде донесена на Економско-социјалниот совет каде партиципираат трите социјални партнери, но засега не се знае кога ќе се одржи седницата. Во вторник, според најавите, на владина седница треба да бидат предложени тројцата членови во Комисијата за репрезентативност кои ќе треба да ја утврдат репрезентативноста на синдикатите. вг/нд/

Фото: Принтскрин

Остани поврзан