• недела, 09 март 2025

Демонстрантките во Турција на Меѓународниот ден на жената бараат заштита од семејно насилство

Демонстрантките во Турција на Меѓународниот ден на жената бараат заштита од семејно насилство

Истанбул, 8 март 2025 (МИА) – Илјадници жени денеска излегоа на улиците на турските градови за да го одбележат Меѓународниот ден на жената и да протестираат против нееднаквоста и насилството врз жените.

На собирот во Кадикој на азиската страна на Истанбул, членките на десетици женски групи слушаа говори, танцуваа и пееја на пролетното сонце. Протестите ги следат голем број полицајци, вклучително и во опрема за немири, а присутен е и воден топ.

Владата на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ја прогласи 2025 година за година на семејството.

Демонстрантките се спротивставија на идејата улогата на жената да се ограничи на брак и мајчинство, носејќи транспаренти на кои пишуваше „Нема да бидеме жртвувани на семејството“.

Критичарите ја обвинуваат владата дека ги надгледува ограничувањата на правата на жените и дека не прави доволно за борба против насилството врз жените.

Во 2021 година, Ердоган ја повлече Турција од европскиот договор, наречен Истанбулска конвенција, кој ги штити жените од семејно насилство.

Турската платформа „Ќе го запреме фемицидот“ вели дека мажите убиле 394 жени во 2024 година.

Многу жени се очекува да се соберат вечерва на европската страна на Истанбул на феминистички ноќен марш, и покрај забраната. Во последниве години, властите ги блокираа обидите на жените да демонстрираат на плоштадот Таксим, традиционалното собирно место во Истанбул за протести.

Околните метро станици се затворени од рано попладне, а улиците, вклучително и една од главните трговски улици во градот, се блокирани со барикади.

Канцеларијата на гувернерот на областа Бејоглу соопшти дека забраната е воведена за да се спречат дејствија кои можат да го нарушат јавниот ред.

Денешните собири за Денот на жената се првите планирани јавни демонстрации откако Работничката партија на Курдистан (ПКК) прогласи прекин на огнот минатата недела, што донесе надеж за крај на 40-годишниот конфликт со турската држава.

Луѓето кои се собраа во Дијарбекир, најголемиот град во југоисточниот дел на Турција, претежно населен со Курди, ја слушнаа пораката од затворениот водач на групата, Абдула Оџалан, во која тој рече дека „женското прашање е поголемо од курдското прашање“, пренесе Бета.

Гултан Кишанак, курдска политичарка која минатата година беше ослободена од затвор под обвинение за тероризам, се обрати на митинг во близина на центарот на градот.

- Не може да се изгради демократско општество кое не ја прифаќа волјата на жената. Затоа, женската борба за слобода е камен-темелник на борбата на нашиот народ за слобода и мир, рече таа. јт/

Фото: Х скриншот

Остани поврзан