• понеделник, 23 декември 2024

Демократите објавија досега невидено видео од упадот во Капитол Хил

Демократите објавија досега невидено видео од упадот во Капитол Хил
Вашингтон, 11 февруари 2021 (МИА) - Демократите, кои го претставуваат обвинението против поранешниот претседател на САД во Сенатот, покажаа претходно необјавено видео од упадот во Капитол Хил. На видеото се гледа како приврзаниците на Доналд Трамп ги бараат претседателката на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси и тогашниот потпретседател на САД, извикувајќи „Обесете го Мајк Пенс“. На снимката се гледаат судири меѓу демонстрантите и полицијата, на околу триесетина метри од просторијата каде се наоѓа Пенс со своето семејство, каде дел од собраните поставиле бесилка. Видео материјалите се однесуваат на периодот од околу еден час попладне на 6 јануари, кога првата група приврзаници на Трамп се појави пред Капитол Хил и подоцна насилно упадна во зградата, сè до моментот кога заврши опсадата. Стејси Плескет, една од менаџерите за отповикувањето, за време на судењето на Трамп истакна дека учесниците на собирот „Да ја спасиме Америка“, немале дозвола да маршираат до Капитол Хил, додека, како што рече, поранешниот претседател не интервенирал, пренесува Гласот на Америка. Конгресменот од Мериленд, Џејми Раскин, главниот демократ кој ги презентира аргументите за разрешувањето, најави дека менаџерите за отповикување ќе покажат нови вознемирувачки снимки за насилството во Капитол Хил, а особено ги предупреди родителите и наставниците за нивната содржина. Раскин рече дека презентираните докази ќе покажат дека Трамп не бил невин набљудувач на настанот, туку дека тој се одрекол од должноста врховен командант и станал главен поттикнувач и дека неговите постапки може да го нарушат мирниот трансфер на власта, првпат во историјата. Менаџерите, конгресмените во улога на обвинители и одбраната на Трамп имаат рок од 16 часа за два дена да ги презентираат своите докази, по што сенаторите ќе имаат вкупно четири часа да поставуваат прашања. Демократите методички се обидуваат да докажат дека нападот врз Капитол не бил изолиран и спонтан инцидент по еден говор, туку дека тврдењата на Трамп за измама на изборите во ноември, кои тој ги презентираше пред своите приврзаници со месеци, ги поставија темелите за настаните на 6 јануари. Сенатот во вторникот гласаше со 56-44 дека целиот процес е во согласност со Уставот. На гласањето му претходеше четиричасовно презентирање аргументи од двете страни. Демократските конгресмени тврдат дека Трамп мора да одговара за своите постапки, додека адвокатите на поранешниот претседател посочија дека судењето за отповикување по истекот на мандатот на претседателот е неуставно. паг/  

Остани поврзан