• понеделник, 23 декември 2024

Демант од Општина Карпош на наводите на советничките од „Независни за Карпош“ и на Левица

Демант од Општина Карпош на наводите на советничките од „Независни за Карпош“ и на Левица

Скопје, 2 февруари 2024

Општина Карпош во целост ги демантира наводите на двете независни советнички од „Независни за Карпош“ и на Левица. Имено, сите работи што ги кажуваат во врска со изградбата на станбениот објект во Карпош 3 до бензиската на Макпетрол, или како што тие ја именуваат како „седумнаесеткатницата“, се неточни, невистинити, обична манипулација и бесчувствителна лага со цел ако може да се украде од народот некој ефтин политички поен. Обична глупост е да се тврди дека оваа зграда ќе се гради на непостоечка локација. Не ни се верува дека ова може да го тврдат лица кои се повеќе од две години советници во општина Карпош кои очигледно по толку голем напор барем нешто да им се објасни од урбанизмот, за жал, ништо не научиле, туку постојано ја пеат истата песна од предизборната кампања во 2021 година. Тие не научиле дека за да се издаде градежна дозвола за било каков објект најпрвин истиот мора да биде предвиден со Генералниот урбанистички план кој го носи Градот Скопје. Во конкретниот случај, на оваа локација со истиот план уште од 2012 година, а кој е во важност до денес е предвидено домување. По носењето на овој план кој е од повисок ранг, локалната самоуправа донесе Детален урбанистички план во 2013 година и на оваа локација е предвидено колективно домување за што дале согласност Градот Скопје, министерството за транспорт и врски, министерството за култура, министерство за одбрана. Овој Детален урбанистички план, токму од овие луѓе е обжален на Уставен суд на Република Македонија, и нивната иницијатива највисокиот судски орган ја отфрли како неоснована.

ЛАГА е дека издадената градежна дозвола е без согласност од надлежните институции, напротив, има дури четири согласности за оваа локација од надлежното министерство, а кои се однесуваат на урбанистичкиот план и на идејниот проект кој бил доставен до нив. На ден 21 ноември 2023 година Управата за заштита на културното наследство издала согласност, а потоа од Националната установа „Конзерваторски центар –Скопје“ тричлена комисија позитивно се изјаснила на 27 декември 2023 година. Потоа и министерството за култура потврдува дека издадените согласности се согласно закон и пропишаниот образец.

ЛАГА е дека Градска општа болница „8-ми Септември“ е НАТО болница. ЛАГА е и дека нема да може да слетуваат хеликоптери затоа што министерството за одбрана на 8 ноември 2023 година дала позитивно мислење на идејниот проект, а истото позитивно се изјаснило и при носењето на деталниот урбанистички план во 2013 година кога на ова место била предвидена 11 ката повисока зграда од оваа што денеска ја одобруваме.

ЛАГА е дека предметниот објект ќе се гради на непрописно растојание на бензиската пумпа на Макпетрол, затоа што А.Д. Макпетрол на 31 јануари 2024 година се изјаснил дека нема никаква забелешка на оваа градба и се откажал од право на жалба.

За жал, независните советници и дел од советничката група на Левица даваат неточни и паушални оценки и квалификации со цел да создадат забуна во јавноста притоа искажувајќи еден куп навреди, несфаќајќи дека издавањето на градежна дозвола е работа која се издава по строго пропишани правила, мора да биде во согласност со сите законски и подзаконски акти и истата подлежи на контрола од многу надлежни институции.

ЛАГА е дека градоначалникот Стевчо Јакимовски ја има потпишано градежната дозвола затоа што истите овие луѓе одамна се информирани дека тој се откажа од овластувањата во урбанизмот и целокупната надлежност ја пренесе на раководителите на овој сектор на 15 август 2023 година. Со ова, градоначалникот Јакимовски е првиот функционер во Република Македонија кој целосно своите овластувања ги пренесе на оние кои се експерти и во детали ги познаваат законските и подзаконските одредби, а тоа значи стручните служби одлучуваат и носат одлуки без било какво политичко влијание. Ова е единствен случај во Република Македонија каде еден функционер доброволно се откажал од правото да носи одлуки и да потпишува. Се поставува прашање, зошто овој пример не го следат и други градоначалници и функционери во Република Македонија и со тоа сите заедно да дадат сериозен допринос кон намалување на корупцијата на високо ниво во државата?

Градоначалникот Јакимовски дава свој максимален придонес, како и стручните служби да се привлечат инвеститори во општина Карпош. Покрај сите опструкции да се запре развојот на општината, по неуспехот да се блокира Буџетот, се прави уште еден обид преку оваа градежна дозвола издадена по сите законски прописи да се запре било каква инвестициона активност на ова подрачје, а во името на мизерен политички маркетинг. За среќа, покрај нивниот деструктивен однос и разбирлива хистерија, педесет милиони евра ќе се случи инвестиција во Карпош.

Со добиените пари за комуналии за оваа градба во 2024 година ќе менуваме азбестни покриви, ќе поправаме лифтови, ќе даваме стипендии на талентирани ученици и спортисти, ќе субвенционираме полагање на возачки дозволи за средношколци, ќе реконструираме фасади, ќе градиме канализации, ќе реновираме училишта и градинки.

Градоначалникот Јакимовски и стручните служби во општина Карпош секогаш работеле во интерес на граѓаните, а деструктивците, без разлика дали се од политичка или психолошка природа ќе ги има и понатаму. Не зачудува како на овие советници и нивните партии не им смета ниту една градба во општина Центар, ниту во Аеродром, Гази Баба, Бутел, ниту пак во Ѓорче Петров. Хистеријата е јасна, општина Карпош и градоначалникот Јакимовски успешно се справуваат со проблемите, се потпираат на сопственото знаење умеење и сопствените приходи, за разлика на градоначалниците во голем дел општини во Република Македонија кои коленичеа пред премиерот Ковачевски да им додели по некое милионче за да можат да се пофалат пред своите граѓани дека тие нешто прават.

Оваа локална самоуправа и натаму ќе работи согласно законските прописи, ќе вложува во разубавување на општината, ќе ги решава проблемите на граѓаните, ќе остварува инфраструктурни проекти, ќе ги подобрува условите во училиштата и градинките и ќе создава услови за подобар живот на граѓаните, но и ќе создава претпоставки за квалитетни инвестициски проекти, затоа што тоа е обврска на секој градоначалник и локална самоуправа на било кој дел од земјината топка.

Одделение за односи со јавноста

ОПШТИНА КАРПОШ

________________________________________________________________________________________ 

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Фото: МИА Архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан