• среда, 18 декември 2024

Делчевските советници активни учесници во проектот за поддршка на маргинализирани групи граѓани

Делчевските советници активни учесници во проектот за поддршка на маргинализирани групи граѓани

Делчево. 13 декември 2024 (МИА) - Проектот  за  Развој   на   услугата   советувалишна   и   советодавно-тераписка   работа   за   жени   со попреченост, родители на лица со попреченост и  други маргинализирани групи,  кој  веќе интензивно се спроведува  во Општина Делчево, денес продолжи со работилницата насловена: „Сензибилизирани советници , можност за одговор на предизвиците со кои се соочуваат лицата со попреченост и нивните семејства“.

Работилницата беше наменета за членовите на општинскиот Совет и како што истакнаа организаторите, оваа работилница е дел од низата работилници кои досега беа организирани за: стручните соработници во локалните   институции,   Советот   за   социјална   заштита,   лицата   со   попреченост   и   нивните   родители, образовните   асистенти   на   учениците   со   попреченост.   

-Денешната   работилница   има   за   цел   да   ги сензибилизира советниците за потребите и предизвиците со кои се соочуваат маргинализираните групи , со акцент на лицата со попреченост и нивните семејства. Советот на општината е орган  каде се донесуваат најбитните одлуки за мерките и активностите кои ги засегаат маргинализираните групи, нивното непосредно учество во одлучувачките тела на општината,  каде застапеноста на лицата со попреченост досега е скоро незабележителна, истакна Сузана Петровска, координатор на проектот.

Во   тој   контекст   беа   спроведени   неколку   сесии   и   вежби   за   начините   и   техниките   за лобирање и застапување и можностите и начините на  интеграција на лицата со попреченост или член на нивните семејства во телата каде се носат одлуките. 

-Следува уште една работилница со бизнис секторот, по што ќе следи лиценцирањето на НВО „Бравура кооператива“  за давање на советувалишната и советодавно-тераписката услуга, која ќе биде четврта развиена социјална услуга за маргинализираните групи во Општина Делчево, додаде Петровска.

Активностите се дел од Проектот за развој на советувалишна и советодавна тераписка работа со маргинализирани групи, со посебен акцент на лицата со попреченост и родители и истиот финансиски е поддржан од Мрежата на заедница на локалните самоуправи од Југоисточна европа - НАЛАС, ГИЗ и ЗЕЛС како партнери во проектот. вс/

ФОТО: МИА

Остани поврзан