• понеделник, 23 декември 2024

Делегација на Уставниот суд предводена од претседателот Дарко Костадиновски оствари билатерална средба со турските колеги

Делегација на Уставниот суд предводена од претседателот Дарко Костадиновски оствари билатерална средба со турските колеги

Скопје, 15 ноември 2024 (МИА) - Делегација на Уставниот суд во состав од претседателот Дарко Костадиновски, судиите Фатмир Скендер, Татјана Васиќ-Бозаџиева, Ана Павловска-Данева и шефот на кабинетот Екрем Халими, оствари билатерална средба со претседателот и со судии на Уставниот суд на Република Турција.

Во текот на работниот дел Костадиновски, како што информираат од Уставниот суд, потенцирал дека на средбата и претходи долгогодишно искуство на соработка и пријателски односи со Уставниот суд на Република Турција, но и со другите правосудни инстанци.

Костадиновски ја истакнал важноста од одржувањето на одличните односи, особено кога станува збор за заедничко членување во регионални или меѓународни организации од областа на уставното право. 

-Изразувам голема благодарност во име на Уставниот суд за вашата иницијатива да се продолжи оваа соработка. Во текот на 2007 година, нашите претходници следејќи ги пријателските односи помеѓу двете држави потпишале Меморандум за соработка. Она што нам ни останува како должност е да му обезбедиме живот, суштина и динамика на тој Меморандум. Токму овој документ ни е поттик и рамка заеднички да ја унапредиме соработката и заемната поддршка во меѓународните форуми како Балканскиот форум на уставни судови кој следната 2025 година ќе се одржи во Република Турција, а во 2026 во Македонија, во рамките на Европската и Светската конференција на Уставни судови, истакнал Костадиновски.

Судиите, како што е наведено во соопштението, размениле мислења на повеќе теми од значење за постапувањето и надлежностите на двата суда. Централни теми за кои се водело дискусија и се разменувале искуства, биле механизмите за извршување на одлуките на судовите, механизмите за следење на извршувањето на одлуките, за кои свои излагања имале судијката Ана Павловска-Данева и судијата Фатмир Скендер, додека судијката Татјана Васиќ-Бозаџиева имала свое излагање на темата за уставната тужба. 

Во разговорите биле прецизирани и конкретни области за соработка во наредниот период, како што е користењето на Истражувачкиот центар кој е дел од Уставниот суд на Турција, продолжување на практиката за стручна размена и престој на ниво на судии, студиски престој и учество на Летната школа на стручната служба, како и можностите за поддршка на капацитетите на Уставниот суд на Република Северна Македонија во поглед на дигитализација на Судот, опремување со современи компјутери и друга ИТ опрема.

Во текот на средбата претседателите Костадиновски и Озкаја ја договориле динамиката и темите на средбите. Следната билатерална средба, како што информираат од Уставниот суд, ќе се одржи во 2025 година во Република Северна Македонија. 

На средбите со претседателите на Врховниот суд и Државниот совет на Турција, делегацијата била информирана за надлежностите и поставеноста на двете институции во правосудниот систем. Биле разменети мислења и информации за клучните предизвици со кои се соочуваат највисоките судски органи, како и на Уставниот суд на Република Северна Македонија, во текот на постапките, согласно нивните надлежности. 

-Независноста и самостојноста на уставните судови како и на останатите највисоки судски инстанци претставува перманентна борба. Тие покрај фактот што треба да бидат обезбедени и гарантирани со уставни и  со законски решенија, уште повеќе треба да бидат афирмирани со одлучност и бескомпромисност од самите судски органи, истакнал Костадиновски. 

Во рамки на одржаните средби биле разгледувани и можностите за соработка на овие судови со Уставниот суд, како и со правосудните органи во Република Северна Македонија. 

Во рамките на посетата претседателот на Уставниот суд, Костадиновски се сретнал и со потпретседателот на „Тика”, Махмуд Чевик. На пријателската средба биле разменети информации за можностите за натамошна поддршка од организацијата, за Уставниот суд во насока на  негова дигитализација и обновање на ИТ опремата, со цел поефикасно работење. дма/са/

Фото: Уставен суд

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан