• среда, 22 јануари 2025

Средба Мицкоски-Касаноф: Европската перспектива клучен приоритет во нашата стратешка визија за иднината

Средба Мицкоски-Касаноф: Европската перспектива клучен приоритет во нашата стратешка визија за иднината

Скопје, 21 јануари 2025 (МИА) - Премиерот Христијан Мицкоски, кој вчера присуствуваше на дел од инаугурациските активности на новиот претседател на САД Доналд Трамп што се оддржаа во Вашингтон, денеска остварил средба со Александар Касаноф, помошник државен секретар на САД за Западен Балкан.

Како што информира Мицкоски во објава на неговата Фејсбук страница, во разговорите со Касаноф се осврнале на стратешките прашања од суштинско значење за државава.

-Во рамки на разговорите се осврнавме на стратешките прашања од суштинско значење за Македонија, неопходната поддршка од нашиот долгогодишен стратешки партнер САД, како и на актуелните предизвици со кои се соочува нашата држава и регионот. Европската перспектива на Македонија и нејзината активно изразена улога во рамките на НАТО претставуваат клучни приоритети во нашата стратешка визија за иднината, наведува Мицкоски во објавата.

Премиерот вчера остварил средба и со претседателот на Републиканската партија на САД, Мајкл Ватли со кого го проследиле поздравниот говор на американскиот претседател Доналд Трамп.

Мицкоски на свеченоста „Гласови на слободата“ организирана од компаниите „Трамп медиа“ и „Рамбл“, која се одржа по инаугурацијата, остварил средба со Ден Бонџино, еден од најблиските соработници на Трамп и најпознат политички десничарски коментатор. -Разговор во кој се зборваше за Македонија, нашите предизвици, но и можности. Нашите аргументи и позиции се јасни и нашето стратешко партнерство со САД и администрацијата на Претседателот Трамп се силни. Се бориме дома за повисоки плати, пензии, нова инфраструктура, подобро здравство, поконкуретно образование, брзо растечка економија итн., но се бориме и во Брисел, Берлин, Париз, Лондон, Вашингтон итн, нашиот глас е се посилен, истакна Мицкоски за средбата. нд/ев/

Фото: Фејсбук Христијан Мицкоски

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан