• сабота, 23 ноември 2024

Делегација на Стопанската комора во посета на „Дубаи експо 2020“

Делегација на Стопанската комора во посета на „Дубаи експо 2020“
Скопје, 24 февруари 2022 (МИА) - Делегација на Стопанската комора на Северна Македонија, во состав од извршниот директор Антони Пешев и потпретседателите на Комората Виктор Мизо, Драгана Дамјановиќ-Чифлиганец, Глигор Цветанов и Сашо Наумоски и менаџерот Анета Димовска оствари посета на „Дубаи експо 2020“, во чии рамки реализираа повеќе средби со релевантни, високи, државни претставници на Обединетите Арапски Емирати, како и со претставници на деловната заедница. Како што соопшти Комората, извршниот директор Пешев се сретна со претседателите на стопанските комора на Дубаи и на Абу Даби, како и со претседателот на најстарата комора во ОАЕ, Комората на Шарџа. На средбите се дискутираше за потенцијалната соработка меѓу македонските и компаниите од Обединетите Арапски Емирати. Претставниците на компаниите од ОАЕ покажаа особен интерес за инвестиции во агропрехранбениот сектор, туризмот, енергетиката, како и за инвестиции во напредни технологии. Делегацијата присуствуваше на формалното одбележување на македонскиот националниот ден, како и на бизнис-конференцијата на која свое излагање пред присутните потенцијални инвеститори од ОАЕ имаше потпретседателот на Стопанската комора, Виктор Мизо. Тој ги истакна предностите за инвестирање во Македонија, кои произлегуваат од геостратешката положба на државата и од склучените мултилатерални договори за слободна трговија, но и од пристапот до европскиот пазар, кои носат предности за компаниите што се регистрираат во нашата држава. Мизо се задржа и на искуството што го имаат странските инвеститори во државата и на другите аспекти на поддршка на приватниот сектор и условите за водење бизнис. Според претставниците на Стопанската комора, посетата на „Дубаи експо 2020“ е одлична можност на големиот број неформални средби, како и на Б2Б-средбите што се реализираа по завршувањето на конференцијата, да ги оценат можностите за пласман на сопствените производи на пазарот во ОАЕ, но и да се стекнат со нови сознанија за напредните технолошки решенија. На „Дубаи експо 2020“ првпат во историјата на светските изложби секоја земја учесничка имаше сопствен павилјон, односно на Експото на 192 павилјони претставени беа различни држави и нивната уникатност преку сопствената архитектура, култура и иновации. сх/сп/

Остани поврзан