Дебата: Парламентите клучни во промовирањето и заштитата на човековите слободи и права
- Парламентите имаат клучна улога во промовирањето и заштитата на темелните човекови слободи и права, преточувајќи ги меѓународните и европски заложби во националните законодавства и политики. Парламентите, исто така, имаат фундаментална улога во воспоставување и одржување ефективна институционална рамка во унапредувањето на човековите права... се дел од заклучоците од денешниот настан во Собранието на Република Северна Македонија, во заедничка организација со Обединетите нации во земјава на тема „Придонесот на Парламентот во работата на Советот за човекови права на ОН и Универзалниот периодичен преглед (УПП)“.
Скопје, 12 јуни 2023 (МИА) - Парламентите имаат клучна улога во промовирањето и заштитата на темелните човекови слободи и права, преточувајќи ги меѓународните и европски заложби во националните законодавства и политики. Парламентите, исто така, имаат фундаментална улога во воспоставување и одржување ефективна институционална рамка во унапредувањето на човековите права... се дел од заклучоците од денешниот настан во Собранието на Република Северна Македонија, во заедничка организација со Обединетите нации во земјава на тема „Придонесот на Парламентот во работата на Советот за човекови права на ОН и Универзалниот периодичен преглед (УПП)“.
Претседателот на Собранието Талат Џафери, во свето воведно обраќање истакна дека парламентите се клучната алка за преточување во националното законодавство на препораките што произлегуваат од меѓународните механизми за човекови права, вклучително и Универзалниот периодичен преглед, кој претставува еден од позначајните механизми на Советот за човекови права на Обединетите нации за преглед на исполнувањето на обврските на секоја држава членка на светската организација.
-Парламентите се природни партнери на Советот за човекови прaва на Обединетите нации, а оваа врска е препознаена и во резолуциите на Советот за улогата на парламентите. Тие можат активно да се вклучат во секоја фаза од процесот на Универзалниот периодичен преглед. Парламентите и парламентарците може да дадат свој придонес во подготовката на националниот извештај и да ја охрабрат Владата да спроведе широк процес на консултации, рече Џафери на настанот на кој, освен пратеници и претставници на ОН, присуствуваа и претставници на институции и на граѓански здруженија во чија надлежност е заштитатата и уанпредувањето на човековите права и слободи.
Росана Дуџак, постојана координаторка на ОН во Северна Македонија, заблагодарувајќи се за одличната соработка со Собранието, истакна дека парламентот е вклучен во многу процеси за заштита на човековите права и дека има мошне активна улога на тој план. Парламентот, како што рече, таа е место за широки консултации, со оглед на тоа што станува збор за процес кој е јавен, инклузивен и транспарентен.
Дуџак нагласила дека оваа година се одбележуваат 75 години од Декларацијата на ОН за човекови права и дека нејзината понатамошна примена треба да гарантира „иднина во која никој нема да биде заборавен“.
Координаторката во Одделот на УПП во Канцеларијата на високиот комесар за човекови права на ОН, Сепиде Мохаџер во своето излагање посочи дека Советот за човекови права, во периодот април – мај 2024 година ќе ја разгледува состојбата во Северна Македонија, во рамки на четвртиот циклус на УПП. Во рамки на овој процес, односно при последниот преглед пред четири години, како што рече таа, Северна Македонија доби 165 препораки, од кои земјата прифати 135 на кои веќе се работи.
-Процесот е можност за зголемено и активно учество и за суштински придонес на Собранието на РСМ во Советот за човекови права на ОН, нагласи Мохаџер.
Пратеникот Халил Снопче, претседател на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот во своето обраќање рече дека Декларацијата за човекови права на ОН, иако не е обврзувачка за државите, сепак, е многу значајна и има голема тежина, затоа што на неа се базираат многу други декларации и конвенции за заштита на човековите права. Исто така, како што нагласи, одредби од оваа Декларација, се внесени во уставите на одредени држави, со што добиваат правно дејство.
Во мали држави, рече Снопче, заштитат на човековите права почнува во домот, па во населбите, училиштата, на работното место... Парламентите, пак, како што нагласи, имаат главна улога за унапредување на законската рамка за владеење на правото, а со тоа и за заштита на човековите права и слободи.
Пратеничката Гордана Силјановска Давкова, претседателка на Комисијата за еднакви можности меѓу мажите и жените, оцени дека, во поглед на почитувањето и унапредувањето на човековите права во земјава посебно треба да зајакне контролната улога на законодавната власт над извршната. Во однос на родовата еднаквост и улогата на Собранието во тој процес, таа посочи дека во земјава има респектибилен број на пратенички, а дека заложбата е родовата застапеност во парламентот да биде 50 – 50 и да се направат измени за „родово сензитивен“ Деловвник на Собранието.
Како што информираат од собраниската прес-служба, на денешниот настан во Собранието било истакнато дека парламентите се главната врска преку која меѓународните механизми за човекови права се пренесуваат на национално ниво. Посочуваат дека тие се централно место за конструктивна дебата, за размена на искуства и за одлучување. Преку законодавни инцијативи, парламентарни истраги, јавни расправи, објавување и разгледување извештаи, парламентите влијаат и го обликуваат дискурсот на човековите права и го поттикнуваат и насочуваат развојот на демократијата и на владеењето на правото.фф/sa/
Фото: Собрание на Република Северна Македонија