• петок, 05 декември 2025

Дебарската секција максимално подготвена за претстојната зимска сезона

Дебарската секција максимално подготвена за претстојната зимска сезона

Дебар, 1 декември 2025 (МИА) - Поширокиот дебарски регион е познат по обилните врнежи од дожд, снег, лавини и одрони, што бара максимална подготвеност на Дебарската секција, на Јавното претпријатие за одржување на магистрални и регионални патишта, со цел за да се овозможи безбедно одвивање на сообраќајот на патиштата.

Од секцијата потврдуваат дека се подготвени за претстојната зимска сезона, како со потребната механизација, така и со абразивен материјал.

-Моментно во пунктот кој се наоѓа во село Долно Косоврасти имаме 150 тони сол и 180 кубни метри ризла. Сметаме дека се доволни, но во случај на потреба ќе набавиме дополнителна количина абразивен материјал. Располагаме со потребната механизација а од почетокот на ноември работиме според зимско работно време, што подразбира 24-часовно дежурство, потврдуваат за МИА од секцијата.

По обилните интензивни врнежи од дожд, минатата седмица, на патиштата во овој регион, имаше чести одрони од камен, ги има и понатаму но тие се поретки. Поради тоа, но и ниските ноќни и утрински температури, кои предизвикуваат голомразица на осојничавите места, се препорачува многу внимателно возење и строго почитување на патната сигнализација.

Под надлежност на оваа секција се делниците Дебар – Жировница (патен правец Дебар-Маврово), Дебар - Глобочица (патен правец Дебар-Струга), патот кон граничниот премин „Блато“, потоа кракот Бошков Мост кон селата на Мала Река, како и патот Мелнички Мост-Центар Жупа или над 110 километри.

При врнежи од дожд, најчесто одрони има на делницата Дебер-Жировница на локации, кај селата Косоврасти, Јанче и Жировница, како и во близина на Ростушки Мост, потоа на патот Дебер-Струга, кај месноста Манастирец, попознато како „Три чешми“, но и на патиштата кои водат кон Центар Жупа и подрачјето на Мала Река.

Што се однесува до снежните лавини, кои за среќа последните години ги нема, тие најчесто се појавуваа на потегот од Бенизнската пумпа до кракот кој води за Бигорски манастир. вт/вј/

Фото: МИА

Остани поврзан