• сабота, 21 декември 2024

Дајбл: УСАИД е посветена на инклузивноста што ги зајакнува демократијата, човековите права и економскиот раст

Дајбл: УСАИД е посветена на инклузивноста што ги зајакнува демократијата, човековите права и економскиот раст

Скопје, 4 декември 2024 (МИА) - УСАИД е посветена на инклузивноста што ги зајакнува демократијата, човековите права и економскиот раст. Преку нашите програми, 420 Роми се вработија во приватни компании или преку грантови за самовработување. Овие програми ги надминуваат работните места - тие градат достоинство, безбедност и патишта кон подобра иднина, изјави денеска претставничката на канцеларијата на УСАИД во Северна Македонија, Џери Дајбл на отворањето на Саемот за вработување во Скопје во организација на Стопанската комора и „Ромалитико“.

- Соработката е клучна за напредок. Денеска ги поздравувам „Ромалитико“ и Стопанската комора на Северна Македонија за поврзувањето на Ромите, кои бараат работа со инклузивни работодавци како што е корпорацијата „Лаер“, што вработи над 200 Роми, вклучително и во лидерски улоги, подвлече Дајбл.

Таа потсети дека благодарејќи на партнерствата меѓу Владата на Северна Македонија и меѓународните организации, повеќето од Ромите без државјанство, сега имаат изводи од матичната книга на родените - отклучувајќи пристап до образование, здравство и работа.

Извршниот директор на „Ромалитико“, Елвис Шакири рече дека е горд на улогата што ја одиграле во зајакнувањето на ромската заедница.

- Во текот на изминатите четири години успешно го олеснивме вработувањето на околу 420 Роми во приватни компании преку посветени иницијативи за поврзување на невработените лица со приватниот сектор, рече Шакири.

Тој истакна дека ги охрабрува сите баратели на работа да пристапат со доверба, да ги споделат нивните приказни и да ги истражат огромните можности, достапни денеска на саемот.

- Бидејќи сметам дека ова е една уникатна можност, каде во еден ден може да имаат пристап до 25 фирми. До претставниците на компаниите, ве повикувам да го прифатите потенцијалот пред вас што може значително да ги подобри вашите тимови и да ги поттикне вашите цели напред, порача Шакири.

Како „Ромалитико“, додаде тој, остануваат да помогнат при потреба да дообучат дел од невработените, сѐ со цел побрзо да дојдат до нивното работно место.

- Сите ние денеска да се погрижиме дека ова нема да биде само настан, туку можност за успешни партнерства и иднина каде инклузивноста нема да биде само стремеж, туку реалност. Наместо да увезуваме работна сила од други земји, да го искористиме потенцијалот на Ромите тука во нашата држава и да создадеме подобра иднина на сите, истакна Шакири.

Претседателката на Советот за унапредување на квалитетот на тренингот и обуките при Стопанската комора, Наташа Јаневска рече дека увозот на работна сила во земјава не се покажал како најдобро решение и додаде дека токму недостигот на работна сила е еден од клучните проблеми со што се соочуваат компаниите поради што трпи и целата македонска економија.

- Стопанската комора, која сака да го привлече работоспособното население во нашата држава, токму затоа организира вакви саеми за да можат компаниите да ги надополнат работните места со стручен кадар. Саемот треба да претставува можност и за останатите компании да дојдат до побрзо вработување на лицата кои се на располагање во нашата држава, а со тоа да придонесеме за поголема продуктивност на компаниите и на македонската економија, нагласи Јаневска. бд/ев/

Фото: МИА

Остани поврзан