• понеделник, 31 март 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Дачиќ: Интерпол се уште нема издадено потерници за Додик и Стевандиќ, тие се српски државјани

Дачиќ: Интерпол се уште нема издадено потерници за Додик и Стевандиќ, тие се српски државјани

Белград, 27 март 2025 (МИА) - Српските власти реагираа попладнево откако Судот на Босна и Херцеговина побара издавање потерница од Интерпол за Милорад Додик, претседател на Република Српска и Ненад Стевандиќ, претседател на Народното собрание на РС, осомничени за поткопување на уставниот поредок на БиХ, јави МИА од Белград.

Српскиот министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ изјави денеска дека меѓународните потерници за апсење за Додик и Стевандиќ се уште не се разгледани од Генералниот секретаријат на Интерпол во однос на исполнувањето на условите за нивно објавување.

Тој посочи дека Додик и Стевандиќ се државјани на Србија, а Интерпол Белград испратил протестна нота до Генералниот секретаријат на Интерпол бидејќи со барањата за издавање меѓународни потерници е прекршен член 3 од Статутот на Интерпол.

„Организацијата строго забранува каква било активност или интервенција во прашања или случаи кои имаат политичко, воено, верско или расно потекло“,гласи тој член, се наведува во соопштението објавено од Министерството на чие чело е Дачиќ.

Дачиќ додаде дека Генералниот секретаријат го потврдил приемот на протестот од Интерпол Белград и дека ќе го земат предвид и навремено ќе информира за исходот од разгледувањето.зш/
фото ЕПА

Остани поврзан