• среда, 19 март 2025

Давид Тошевски потпиша за Ростов

Давид Тошевски потпиша за Ростов
Скопје, 7 јули 2020 (МИА) - Напаѓачот на Работнички, Давид Тошевски, кариерата ќе ја продолжи во рускиот клуб Ростов, соопштија од клубот. Тој потпишал петгодишен договор со Ростов и во иднина ќе настапува во руската Премиер лига. „ФК Работнички изразува задоволство што и понатаму продолжува со стратегијата за форсирање на млади и талентирани фудбалери кои потоа прават трансфери во големите европски клубови“, соопштија оттаму. Тошевски е дете на Работнички, почетоците ги имаше во пионерско-младинската академија на клубот, а како еден од најталентираните беше прекомандуван во сениорскиот тим и потпиша професионален договор. Изминатава сезона Давид Тошевски одигра 21 натпревар во дресот на Работнички, беше стрелец на пет гола и забележа три асистенции. Тој е младински репрезентативец на Македонија. Трансферот на официјалниот сајт го потврди и рускиот клуб Ростов.

Тагови

Остани поврзан