• среда, 27 ноември 2024

Грчката Влада не ја разгледува можноста за намалено работно време на продавниците

Грчката Влада не ја разгледува можноста за намалено работно време на продавниците
Атина, 5 октомври 2022 (МИА) – Министерот за развој и инвестиции на Грција Адонис Георгиадис ја отфрли можноста, Владата да воведе намалено работно време за продавниците во Грција и тие да затвораат порано, јави дописничката на МИА од Атина. По вчерашното соопштение на Трговското здружение од Солун, кое им предложи на продавниците во градот, поради енергетската криза и за заштеда на енергија, од следниот понеделник, да затвораат порано, односно во 19 часот, во медиумите во Грција се појавија шпекулации дека Владата разгледува можност да се воведе намалено работно време, нешто што Георгиадис го демантираше. -Владата нема намера да го намали работното време, не се разговара за оваа можност, која доколку би се спровела би имала многу неповолни последици и на пазарот на трудот и на прометот на продавниците, рече Георгиадис. Додаде дека заштедата на енергија од евентуалното затворање еден или два часа порано ќе биде многу мала во споредба со штетата што тоа би ја предизвикало на пазарот и затоа, не се покренува такво прашање. Објасни дека официјалното работно време во земјата го одредува и е во надлежност на Министерството за развој, а ако некој сака да работи помалку часови од предвиденото, тоа е негово право. Министерот за развој и инвестиции на Грција денеска оствари средба со претставници на Здружението на бизниси и малопродажба, Грчката конфедерација за трговија и претприемништво, Институтот за истражување на малопродажбата и на големите синџири на супермаркети.ср/сд/

Остани поврзан