• среда, 21 јануари 2026

Гроси предупредува: Оштетени се клучни трафостаници, Чернобил остана без надворешно напојување

Гроси предупредува: Оштетени се клучни трафостаници, Чернобил остана без надворешно напојување

Виена, 21 јануари 2026 (МИА) - Надворешното напојување со електрична енергија на неактивната нуклеарна централа „Чернобил“ во Украина е прекинато поради тековните воени дејства, соопшти денеска Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), пренесува ДПА.

Шефот на МААЕ, Рафаел Гроси, информира дека неколку украински електрични потстаници, кои се од витално значење за нуклеарната безбедност, биле погодени од широките воени активности во текот на утрото.

- Нуклеарната централа „Чернобил“ го изгуби целото надворешно напојување. Оштетени се и далноводите што водат до други нуклеарни централи во земјата - изјави Гроси.

- МААЕ активно го следи развојот на настаните со цел да го процени влијанието врз нуклеарната безбедност - додаде тој.

Централата во „Чернобил“, која се наоѓа северно од Киев во близина на границата со Белорусија, и понатаму е високорадиоактивна по катастрофалната несреќа во 1986 година. На објектот му е неопходно континуирано надворешно напојување со електрична енергија за одржување на безбедносните операции и за складирање на нуклеарниот отпад.

Прекинот на струјата предизвикува дополнителна загриженост кај меѓународната заедница за стабилноста на нуклеарните капацитети во услови на интензивирање на воениот конфликт. ссм/сд/

фото: архива

Остани поврзан