• вторник, 24 декември 2024

Грипот ги наполни гостиварските ординации и болничките одделенија

Грипот ги наполни гостиварските ординации и болничките одделенија

Гостивар, 23 јануари 2024 (МИА) – Бројот на заболени од сезонскиот грип во гостиварско е во пораст. Во инфективното одделение на гостиварската болница дневно се прават од седумдесет до осумдесет амбулантски прегледи. Зголемен обем на работа има и во амбулантите на матичните лекари.

Инфектологот Ратко Наумоски смета дека грипот има земено силен замав и состојбата со заразени ја оценува како сериозна.

-Во нашето одделение имаме и пациенти со долнореспираторни инфекции како бронхо-пневмонија или пневмонија. Од нив четири повозрасни лица имаат потешка слика и се наоѓаат на кислородна поддршка, вели д-р Наумоски од инфективното одделение на општа болница „Ферид Мурад“. Тој потврди дека во нивното одделение нема ниту еден случај на заболен од КОВИД 19 и при прием се прават пи-си-ар тестови. Според неговите предвидувања, временските услови ќе придонесат за извесно намалување, но бројката на заболени од грип се очекува да се намали кон средината на идниот месец.

Зголемен број на пациенти со симптоми на силна кашлица, малаксаност, растечен нос, висока температура како и болки по телото, има во амбулантите на матичните лекари. Според последниот извештај гостиварскиот регион беше во самиот врв со 123 пријавени случаи на грип. Минатата недела во извештајот на Институтот за јавно здравје на РСМ беше регистриран и е еден смртен случај асоциран со грип. Лице на возраст од 65 години од Гостивар кое било хоспитализирано во КИБФС имало придружни болести (кардиоваскуларни и белодробни).

Зголемен број на пациенти има во детското одделение, каде педијатрите во првите две недели од годинава имале над 800 прегледи, а педесетина деца се примени на болничко лекување заради компликации од грипот.

Таму имало и три потешки случаи, кои заради компликации се испратени на детската клиника.

Препораките на лекарите за заштита од вирусот на грип е да се избегнуваат затворени простори и угостителски објекти во кои престојуваат повеќе луѓе со што ќе ја намалат можноста од зараза. згм/сст/

фото МИА

 

Остани поврзан