• петок, 26 јули 2024

Грвала: Актери одвнатре во ЕУ работат на сегрегација на Србите во Косово

Грвала: Актери одвнатре во ЕУ работат на сегрегација на Србите во Косово

Приштина, 24 јули 2024 (МИА) – Министерката за надворешни работи на Косово, Доника Грвала изјави дека одлуката на институциите на  Европската унија да ги признаат пасошите издадени за косовски граѓани од паралелни институции на Србија и либерализацијата на визите и за косовските Срби кои се опремени со таков пасош, е одлука што води на погрешен пат, јави дописникот на МИА од Приштина.

На денешната прес-конференција, Грвала рече дека одредени актери внатре во ЕУ работат на сегрегација на српската заедница во Косово, додавајќи дека само интеграцијата на локалните Срби е вистинскиот чекор.

- За пасошите кои не се издадени од легитимни институции, не се двоумевме да ги предупредиме и информираме важните актери. Тие (ЕУ) донесоа одлука која не само што според нас води на погрешен пат, туку дава индикации дека некои актери одвнатре во ЕУ не се заинтересирани за интеграција на српското малцинство во Косово, туку работат на нивно издвојување. Што поскорешната интеграција на граѓаните во легалните структури, опремени со легални документи, води кон атмосфера и простор за сите нив и за сите нас, изјави Грвала.

Шефицата на косовската дипломатија додаде дека Косово не треба да молчи „пред овие погрешни чекори“ и дека тие „не смеат да се повторат“. иа/рп/

Остани поврзан