• недела, 22 декември 2024

Градоначалниците на Ресен, Преспа, Пустец и Девол ќе потпишат Меморандум за соработка за Преспанскиот басен

Градоначалниците на Ресен, Преспа, Пустец и Девол ќе потпишат Меморандум за соработка за Преспанскиот басен

Атина, 29 ноември 2024 (МИА) – Меморандум за соработка за Преспанскиот басен, но и за формирање Европска групација за територијална соработка во прекуграничниот регион на Преспа меѓу општините Ресен, Преспа, Пустец и Девол ќе потпишат во Лемос, Грција четворицата градоначалници, а целта е општините од трите земји да се заложат за заедничката визија за одржлив развој, заштита на животната средина и зачувување на културното наследство во конкретниот регион, јави дописничката на МИА од Атина.

Домаќин на церемонијата закажана за претпладнево е општина Преспа, а освен градоначалниците на четирите општини, ќе присуствува и амбасадорот на Европската Унија во Северна Македонија Михалис Рокас.

Иницијативата, како што информираа од општина Преспа, „има за цел да го направи Преспанскиот басен, кој со паркот Преспа стана првото прекугранично заштитено подрачје на Балканот, модел на иновативна прекугранична соработка и одржлив регионален развој за поширокиот регион“.

- Меморандумот ја поставува основата за зајакнување на соработката во области како што се одржливиот развој, заштитата на животната средина и зачувувањето на биодиверзитетот и културното наследство во регионот на Преспа. Во целите се вклучени подобрувањето на квалитетот на животот на жителите преку надградени општински и јавни услуги, колективно управување со природните и културните ресурси и справување со последиците од климатската криза. Дополнително, Европската групација за територијална соработка има за цел да го промовира регионот како туристичка дестинација врз основа на уникатното природно и културно богатство, информираа од општина Преспа во пресрет на потпишувањето на Меморандумот.

Дополнително, објаснија дека Европските групации за територијална соработка се меѓудржавни организации засновани на правото на Европската унија кои ја олеснуваат соработката помеѓу регионите, општините и јавните тела од различни земји-членки и земји кандидати.

Од делегацијата на ЕУ информираа дека поддршката на Европската унија за интегрирани и кооперативни пристапи за одржлив регионален развој во рамките на Преспанскиот басен е во согласност со регулативите 1082/2006 и 1302/2013 на Советот на ЕУ, но и дека регионот на Преспа веќе е корисник на финансиската програма „ЕУ за Преспа“ во вредност од 21,5 милиони евра, од кои 18 милиони евра, односно 84 отсто се обезбедени од Унијата.

Исто така, веќе се спроведуваат четири грантови доделени на локални граѓански организации и два договори за придонес потпишани со УНДП.

Дополнително, финансирање од ЕУ во износ од 7,7 милиони евра е достапно во рамките на програмата за прекугранична соработка меѓу Грција и Северна Македонија за повторно отворање на граничниот премин Маркова Нога – Герман.

По потпишувањето на Меморандумот предвидена е посета на местото каде што од грчка страна ќе се гради токму овој граничен премин.

Градоначалникот на општина Преспа, Георгиос Стергиу во понеделникот посочи дека договорот меѓу четирите општини „не само што ја одразува колективната амбиција за регионот на Преспа, туку ја нагласува нашата посветеност за практични активности кои ќе ги подобрат животите на нашите граѓани“.

-Европската групација за територијална соработка Преспа ќе ни овозможи ефикасно да соработуваме за да го заштитиме нашето заедничко наследство и да создадеме нови можности за просперитет на сите три страни на границата, истакна Стергиу. ср/ев/

Фото: Општина Преспа

Остани поврзан