• сабота, 23 ноември 2024

Гори во Шпанија, ќе биде критично во Франција и во Велика Британија

Гори во Шпанија, ќе биде критично во Франција и во Велика Британија
Мадрид, 14 јули 2022 (МИА) - Топлотниот бран што ја зафати Југозападна Европа, веројатно ќе го достигне својот максимум денеска во Шпанија. Високите температури веќе ги разгоруваат шумските пожари на Пиринејскиот Полуостров и во Франција. Се очекува денеска да биде најтоплиот ден од овој топлотен бран, според државната метеоролошка агенција на Шпанија, АЕМЕТ. Како што соопшти АЕМЕТ, долините околу трите големи реки Гвадијана, Гвадалкивир, Тагус, ќе имаат високи температури што ќе се движат околу 40 степени Целзиусови. Шпанското Министерство за здравство препорачува граѓаните да пијат многу течности, да носат лесни алишта и да стојат под сенка или да се престојува во климатизирани простории. Највисоката температура вчера беше регистрирана во андалузискиот град Алмонте, каде живата достигна 45,6 степени Целзиусови во 17:30 часот, по локално време. Во некои други јужни градови, како Севиља и Кордоба, температурите надминаа 44 степени Целзиусови. Во западна Шпанија, близу границата со Португалија, шумските пожари веќе имаат срамнето најмалку 3.500 хектари. Меѓу 1 јануари и 3 јули, над 70.300 хектари шума изгореа во Шпанија, како што информираше Владата, што е речиси двојно повеќе од просекот во изминатите 10 години. Кон крајот на неделата се очекува намалување на температурите во Шпанија, но, жештината може да продолжи во северозападниот дел на Европа, додека се движи кон Франција и кон Велика Британија. Британско официјално лице смета дека постои шанса да биде надмината највисоката британска температура од 38,7 степени Целзиусови, регистрирана на 25 јули 2019 година во Ботаничката градина во Кембриџ. Метеоролошките служби во Франција предупредија дека ситуацијата „ќе стане интензивна меѓу недела и вторник“, можно е да надмине 40 степени Целзиусови, пред да се спушти до среда. Во југозападна Франција шумски пожар беснее од вторникот, зафаќајќи 1.000 хектари борови дрвја и принудувајќи евакуација на 150 лица од нивните домови. Експерти тврдат дека топлотните бранови се почести поради климатските промени. Минатата недела, 11 луѓе загинаа при пад на лавина предизвикана од уривање на најголемиот глечер на италијанските Алпи, поради невообичаено топлите температури. Во Грција хеликоптер што помагаше во борба против шумски пожар на островот Самос, се урна во Егејското Море. Двајца членови на екипажот се тешко повредени. Во Португалија едно лице загина при шумски пожар. Во централна Португалија, жители се бореа да го спасат нивното село додека се наближуваа пожари. - Сè гореше вчера, освен куќите, затоа што луѓето се многу храбри и ги бранеа самите. Пожарникарите пристигнаа многу подоцна, изјави 77-годишниот Аделино Родригез. Ги враќа сеќавањата од разорните шумски пожари во 2017 година, што зедоа над 100 жртви во Португалија. - Изгледаше како крајот на светот, си спомнува тој. бд/

Остани поврзан