• вторник, 24 декември 2024

Голем избор на храна и пијалаци на саемот „Вкуси ја традицијата“

Голем избор на храна и пијалаци на саемот „Вкуси ја традицијата“

Скопје, 7 октомври 2023 (МИА) - Вино, ракија, ајвар, ѓомлезе, мед, сирење, кашкавал, пита и уште многу други македонски производи, можат да се пробаат денеска во Градски парк, во Скопје, како дел од вториот по ред национален саем за храна и пијалаци „Вкуси ја традицијата“.

На саемот присуствуваат над 400 изложувачи, мали производители на храна и пијалаци што презентираат 2.000 вкусни производи, приготвени по традиционални рецепти.

На отворањето на саемот, премиерот Димитар Ковачевски упати честитки за целосната организација на саемот, за кој вели е вистинска слика на нашата традиција.

- Сите овие производи што се изложени тука, тие се вистинската слика за нашата македонска земја, за нашата традиција. Традиционални производи, кои од генерација на генерација се пренесувале, се чувале и се усовршувале. Но, го задржале единствениот наш македонски вкус - вкусот на традицијата. Уникатниот вкус на македонските земјоделски производи, храна и вино, кои се произведуваат на оваа наша сончева земја, се нешто по кое што сме единствени и високо ценети во светот. На овие штандови денеска се нашиот бакрдан, вкусното ѓомлезе, сочните сирења, кашкавали, македонското макало, нашиот македонски мед, ајвар, надалеку познатото македонско вино и уште многу други традиционални производи. Нивниот квалитет е највисок и баран, а тоа е благодарение на нашата плодна почва и поднебје, на многуте сончеви денови и, пред сѐ, на вредните раце на нашите земјоделци. Тоа е резултат на долги години земјоделска, сточарска, лозарска, овоштарска традиција, која посветено се пренесувала од генерација на генерација, тука во срцето на Балканот, посочи Ковачевски.

Тој посочи дека денеска ја славиме традицијата, но, истовремено, како што изјави, ја испраќаме и пораката дека зголемување на домашното производство на земјоделски производи и храна, е, еден од најважните приоритети на Владата.

- Економската и енергетската криза покажаа колку е важно да произведуваме доволно за дома, но и за извоз, за да ја зајакнеме економијата. Тоа подразбира стратегија која опфаќа повеќе сегменти, од модел на субвенции, капитални инвестиции, советодавни услуги, европски фондови до вложување во човечки ресурси. Затоа, презедовме низа мерки за поддршка на домашното производство на храна, како што е новиот модел за субвенции, капитални инвестиции во водостопанството, поддршката за малите производители на храна, за малите семејни винарии, за младите земјоделци, за жените земјоделки и други мерки. Паралелно, ги поддржуваме малите производители на храна со грант до 10.000 евра за набавка на опрема за производство и грант до 5.000 евра за набавка на опрема за малите дестилерии. И она што е најголем успех досега, Северна Македонија сега е лидер во регионот по искористеност на мерките од европската ИПАРД програма. Тоа резултираше со зголемување на средствата за ИПАРД 3, на 97 милиони евра. Ова се мерки за развој на земјоделството по европски терк. А сето ова е уште еден доказ, колку земјоделството и производството на храна ни е високо на листата на приоритети, додаде премиерот.

Министерот Љупчо Николовски рече дека главната цел е да се направи силна промоција на сѐ она што е наше домашно, македонско, локално, кое силно ќе одекне и ќе нѐ промовира глобално.

- Нашиот саем ја пишува својата приказна и знам дека ќе прерасне во долгогодишна традиција. И на секое спомнување кај сите нас секогаш ќе буди убави чувства, ќе остане во нашата меморија добрата енергија, шаренилото на бои кои извираат од секоја тегла, мирисите кои мамат од секоја тезга, вкусот на тазе испечена пита, на доброто вино и ракија, на насмеаните лица, нагласи Николовски.

Овој саем, како што истакна министерот, има за цел да ја зачува традицијата, да останат засекогаш зачувани рецептите од нашите баби.

- Сите оние стари рецепти, запишани во тефтерите што се предавале од генерација на генерација, како дел од миразот на невестите, сите тие рецепти кријат богатство. Од нив извира љубовта со која нашите баби меселе домашен леб, правеле највкусна зимница, во старите казани се варела домашна ракија, се правело домашно вино.  Сѐ има таму. И нашето минато и нашата иднина. Е тоа сѐ, денеска го имаме овде, распослано на тезгите на малите производители - чувари на традицијата, чувари на локалното, на домашното, на оригиналното, подвлече министерот.

Пред присутните се обрати и министерката за земјоделие од соседна Србија, Јелена Танасковиќ која ја најави и дружбата во Белград на „Отворен Балкан“ на големиот саем што ќе се одржи од 16 до 19 ноември.

-Она што сакам да го кажам, е колку е важно да соработуваме регионално со сите вас кои денеска сте овде, малите произведувачи што ја шират традицијата, ја чуваат традицијата и во секоја тегла и шише што сте ги произвеле, го донесете тоа што е најбогато во нашиот регион, а тоа се нашите вкусови, нашите стари рецепти и нашата добра кујна, што треба да ја негуваме и традиција што треба да ја шириме по целиот свет, рече Танасковиќ.

Задоволство од настанот изрази и заменик амбасадорот на Сојузна Република Германија во Скопје, Ото Граф според кого Северна Македонија навистина има да понуди многу во однос на храна и пијалаци, која е, вели, силна страна од нејзиниот идентитет.

-За нас и политички, темата храна и земјоделство, претставува значајна за европското семејство. Семејството во коешто, се надевам, Северна Македонија наскоро ќе се приклучи, рече Граф, нагласувајќи ја поддршката за настанов од Германското друштво за меѓународна соработка.

На настанот во Градскиот парк присуствуваа и вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, како и директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска. бд/вг/

Фото: МИА

Остани поврзан